Федералните резерви на САД ја зголемија референтната каматна стапка за 0,25 отсто

Федералните резерви на САД денеска ја зголемија референтната каматна стапка за 0,25 отсто во обид да се бори против постојано високата инфлација, а во исто време да се справи со ризиците за финансиската стабилност.

Референтната каматна стапка сега е на ниво од 4,75 до 5 отсто, што е највисоко од 2007 година, а до крајот на годината се планира уште едно зголемување од 0,25 отсто, јавува Си-Ен-Ен.

Во денешното соопштение челниците на ФЕД признаа дека неодамнешните превирања на финансискиот пазар влијаат на инфлацијата и економијата, но изразија доверба во целиот систем.

Американскиот банкарски систем е здрав и отпорен, но неодамнешните случувања веројатно ќе резултираат со построги кредитни услови за домаќинствата и бизнисите и ќе влијаат на економската активност, вработеноста и инфлацијата, се вели во соопштението.

Претставниците на ФЕД сега предвидуваат подлабоки намалувања на економијата во следните две години и веруваат дека реалниот БДП ќе порасне за 0,4 отсто оваа година, што е намалување од претходните проекции од 0,5 отсто. Следната година предвидуваат дека економијата ќе порасне за 1,2 отсто, што е за 0,4 отсто помалку од она што го најавија во декември.

Невработеноста се очекува да биде помала од очекуваната и до крајот на годината да падне на 4,5 отсто, од проектираните 4,6 отсто во декември.

Спротивно на тоа, инфлацијата би можела да остане повисока од очекуваното, а претставниците на ФЕД предвидуваат дека оваа година би можела да достигне 3,3 отсто.Претходно се предвидуваше дека инфлацијата ќе биде 3,1 отсто во 2023 година, а целта е сè уште да се намали на два отсто.