Филипче: Владата мора да го исполни ветувањето и да го деблокира евроинтегративниот процес во разговорите со новата влада во Софија

,,Во последните седум години, СДСМ како владејачка партија направи сè за да продолжи напред и да ги надмине блокадите кои доаѓаа однадвор во евроинтеграцискиот процес на земјата, кој беше закочен со децении. Сега очекуваме Владата да ги исполни своите предизборни ветувања и што поскоро да ги започне преговорите со новата политичка влада во Софија за деблокирање на патот кон ЕУ“, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

„Ние како Влада, како владејачка партија, во последните седум години направивме сè за да се надмине процесот кој е закочен многу долго време, со децении, поради надворешни блокади. Постигнат е Договорот од Преспа, со кој се реши проблемот со Грција, благодарение на што станавме членка на НАТО. Згора на тоа, со тие договори и декларации кои поминаа во Собранието, таканаречениот француски предлог практично го започна преговарачкиот процес со ЕУ и сега сме на прагот, по завршувањето на скринингот, да почнеме да ги отвораме поглавјата.

Ова е процес кој верувам дека најпрво на граѓаните ќе им донесе многу подобар, поквалитетен живот, повеќе финансиски средства и повеќе европски вредности. Едноставно, тоа е она што го чекавме со децении и за што се бореа минатите генерации, а сето тоа е она за што децата сега заминуваат во странство, поради очигледниот недостаток во земјата. Во оваа смисла, СДСМ направи се што можеше, како што секогаш правеше во последните 30 години, да ја придвижи државата напред.

„Сега очекуваме Владата да ги исполни своите предизборни ветувања дека ќе понуди подобра преговарачка позиција, дека ќе ја промени рамката и дека ќе го поддржиме секој подобрен предлог што ќе дојде на маса“, рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање дали чувствува морална одговорност за запирање на процесот на пристапување во ЕУ и дали ќе се обидат да разговараат со бугарските политички лидери за да ги намалат нивните очекувања.

По изборот на новата влада во Софија, Филипче очекува Владата, согласно предизборните ветувања, да контактира со нив и да има средби и разговори за деблокирање на процесот, за што се надева на помош од ЕУ и од САД.

„Се надевам дека и ЕУ и САД, како наши традиционални партнери, ќе се приклучат на овој процес. Верувам дека Владата и претходно кажа дека очекува во Бугарија да се формира политичка влада со која ќе преговара. Очекувам откако ќе биде формирана таа политичка влада во Бугарија, што поскоро да го започнат тој преговарачки процес бидејќи времето минува, Албанија оди напред, Црна Гора оди напред, ние сериозно заглавуваме“, рече Филипче.