Филипче: Владината коалиција е нефункционална, тоа граѓаните го чувствуваат секојдневно

„Ова што се случува во владината коалиција покажува дека таа е нестабилна и не функционира добро.”

Ова го изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче, одговарајќи на новинарски прашања за актуелните случувања во владината коалиција.

„За краток временски период јавноста беше сведок на дијаметрално спротивни изјави за можноста за предвремени избори, кои ги пласираат во контекст на односите внатре во коалицијата. Дека таа коалиција не функционира во пракса, граѓаните секојдневно го чувствуваат“, нагласи Филипче.

Тој, исто така, го критикуваше целокупното работење на Владата, кое според него е загрижувачко на многу нивоа.

„Лоша стратегија во економијата, недостиг на капитални инвестиции, голем број институции кои не распределуваат плати на вработените. Внимавајте клучни институции, особено во овој период по трагедијата во Кочани – дел од инспекторатите се без плата, дел од социјалните служби, Министерството за култура, Министерството за економија, едноставно слабо работење на Владата“, оцени лидерот на СДСМ.

Според него, особено загрижува селективноста на истрагата за кочанската трагедија која, според него, наместо целосна одговорност опфаќа поединци и функционери од Министерството за внатрешни работи.