Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, ги коментираше неодамнешните информации дека Владата склучила договор со компанијата ИРД Инженеринг, иако оваа компанија беше цел на остри напади од страна на ВМРО-ДПМНЕ кога беше во опозиција.
„Денес се појави информација дека Владата склучила договор со IRD Engineering – компанијата со која и нашата Влада имаше договор. Во тоа време, Александар Николоски и сите раководители на ВМРО-ДПМНЕ секојдневно држеа прес-конференции, обвинувајќи ја оваа компанија дека е криминална. Јавно се јавија во обвинителството, тврдејќи дека преку неа се перат пари. А денес, договор со нив“, рече Филипче.
Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ со месеци водеше кампања со обвинувања за наводен криминал против Бехтел и Енка, а сега, како што истакна, го прави истото што го критикуваше тогаш и ги продолжува истите проекти.
„Истото како и со Бехтел и Енка, единствениот проект на кој моментално се работи. И тоа беше „криминално“, според нив. Затоа јавно ги прашувам – која е разликата сега?“, праша лидерот на СДСМ.
Филипчеи јавно му постави прашање на премиерот Мицкоски:
„Јавно го прашувам Мицкоски – дали сега си криминалец? Ако проектот што го започнавме беше криминален, ако надзорот што го потпишавме беше криминален, тогаш дали тоа значи дека и ти си криминалец кога продолжуваш со истото?“, рече Филипче.