Филипче: ВМРО-ДПМНЕ го стопираше покачувањето на платите во здравството

„Оваа влада секој ден покажува и докажува дека работи само за големите компании, за големите приватни болници, додека здравствениот систем тоне во хаос, а ништо не се прави за граѓаните.“ Ова го изјави синоќа од Струмица, лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Тој нагласи дека во секоја област од здравството има проблем што граѓаните го чувствуваат директно на своите рамена.

„Голем проблем во изминатиот период беше закажувањето термини за разни скенирања, хируршки интервенции за пациентите. За жал, морам да кажам дека има големи проблеми и големи недостатоци во здравствениот систем“, рече Филипче.

Тој додаде дека младите здравствени работници се оставени сами на себе, а здравствениот систем е надвор од контрола.

„Се соочуваме со ситуација во која младите лекари и специјалисти се оставени сами на себе, без никаква поддршка, без никаков надзор, а кога ќе ја започнат својата работа без никаква контрола, а здравствениот систем и министерството не преземаат ништо за да го воспостават тој систем на контрола, се случуваат големи грешки“, рече Филипче.

Како што рече Филипче, владата на ВМРО-ДПМНЕ не направила ништо за подобрување на статусот на здравствените работници, за разлика од времето кога владата на СДСМ инвестираше и во здравствена инфраструктура и во зголемување на платите.

„Жалам што по тие политики во текот на седумте години од владата на СДСМ, кога правевме сè за да ги зголемиме платите, приходите на лекарите, медицинските сестри, оние што работат дење и ноќе за доброто на пациентите, и успеавме да ги дуплираме, понекогаш дури и да ги зголемиме два и пол пати, сега во овие години и пол од владата на ВМРО-ДПМНЕ, здравствените работници не добија никакво зголемување. Ова е доказ дека оваа влада не е заинтересирана за благосостојбата на вработените, ниту за државата. Жалам што во Министерството за здравство, во главниот советнички тим на министерот, има лекари од приватни болници“, рече лидерот на СДСМ, Венко Филипче.