Претседателот на СДСМ и претседател на Националниот совет за европски интеграции, Венко Филипче, на денешната седница на која беа презентирани Програмата и приоритетите на данското претседателство со Советот на Европската Унија, се осврна на безбедносните предизвици со кои се соочува Северна Македонија, поврзани со странски влијанија и дезинформациски кампањи.
На седницата, Филипче побара од амбасадорката на Кралството Данска, неговата екселенција Перниле Дајлер Кардел, сериозно да го разгледа делот од Извештајот на Европскиот парламент во кој се наведува дека Северна Македонија останува предмет на непријателски операции на странско влијание.
„Би сакал данскиот амбасадор да каже дали ова се зема предвид и дали овој дел од Извештајот се анализира кога се зборува за зајакнување на безбедносната политика. Фактот дека Северна Македонија останува предмет на непријателски операции на странско влијание, вклучително и обиди за поделба на општественото ткиво на земјата и искористување на антиевропските чувства, особено преку таблоидите и медиумите на српски јазик кои функционираат како регионални засилувачи на наративите на Кремљ и уживаат значително влијание“, рече Филипче.
Во својот говор пред Советот, Филипче ја истакна и важноста на двата главни приоритети на данското претседателство, безбедна Европа и конкурентна зелена Европа, нагласувајќи дека ова е од исклучително значење во сегашниот геополитички контекст.
„Убеден сум дека Данска ќе работи напорно за силна Европска Унија, која ја презема одговорноста за сопствената безбедност и ја зајакнува својата конкретност. Двата главни приоритети се многу важни во денешниот геополитички контекст, имено безбедна Европа и конкурентна зелена Европа. Искрено се надевам дека и ние, како зелен кандидат за членство во Европската Унија, ќе го најдеме своето место во дефинирањето на данските приоритети на данското претседателство, зелена, безбедна и конкурентна Европа“, рече Филипче.
Во овој контекст, Филипче ја истакна и важноста на политичките договори што се постигнати во минатото, кои, како што рече, не се само договори што решаваат политички проблеми.