Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ја обвини владата за прикривање податоци и одложување на реакцијата на пожарот што избувна во Трубарево, велејќи дека тоа имало сериозни последици по здравјето на жителите од оваа област и околината.
Филипче изјави дека властите ја измамиле јавноста велејќи дека воздухот не е загаден, додека официјалните податоци објавени шест дена подоцна покажаа алармантни нивоа на токсични супстанции.
„Владата излажа кога рече дека воздухот во Трубарево не е загаден, реагираше доцна и не презеде никакви итни мерки за заштита на граѓаните – вклучително и евакуација. Со овие лаги, таа е директно одговорна за труењето на луѓето во Трубарево и околината“, рече Филипче.
Според него, мерењата покажуваат концентрација на кадмиум во воздухот 12 пати над дозволената норма – поточно 59,1 ng/m³, додека дозволеното ниво е само 5 ng/m³.
Филипче побара итна оставка од неколку високи функционери.
„Барам итна оставка од министерот за внатрешни работи, министерот за здравство и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Барам Јавното обвинителство итно да отвори истрага и да ги повика кривично на одговорност сите службени лица кои со своето недејствување ги загрозиле животите и здравјето на граѓаните“, нагласи тој.
Од СДСМ предупредуваат на понатамошни политички и правни мерки за, како што велат, прикривање на вистината за пожарот во Труберево.