Филипче: Немам контакт со Ахмети, го поддржувам Мицкоски против Бугарија

Филипче вели дека сега во Бугарија има политичка Влада и дека е во целосна поддршка на премиерот Христијан Мицкоски, кој вети дека ќе даде дополнителни гаранции и подобар договор од францускиот предлог, за спроведување на уставните измени. Филипче додава дека владата мора да побрза, бидејќи Албанија и Црна Гора се движат напред кон ЕУ, со големи чекори

Шефот на СДСМ, Венко Филипче вели дека како опозициска партија нема контакт со првиот човек на ДУИ, Али Ахмети. Тој ги нарече смешни обвинувањата на ВМРО за поврзаност со Артан Груби, притоа нагласувајќи дека коалицијата на СДСМ со ДУИ во минатото е „научена лекција“. „Немам контакт со Ахмети. Тоа се смешни обвинувања што ВМРО-ДПМНЕ ги става на наша сметка, треба да покажат зошто го пуштија Артан Груби да избега преку граница, ако сакаат правда. Јасно ги покажуваме нашите актуелни позиции за коалицијата на ДУИ и велиме дека тоа е добро научена лекција и дека отсега нема да правиме коалиции по секоја цена, туку врз основа на вредносни политики кои можат само да не обединат, да не ни наштети, како што беше случајот со оваа коалиција до сега“, изјави Филипче, притоа зборувајќи и за евроинтеграциите.

Филипче вели дека сега во Бугарија има политичка Влада и дека е во целосна поддршка на премиерот Христијан Мицкоски, кој вети дека ќе даде дополнителни гаранции и подобар договор од францускиот предлог, за спроведување на уставните измени. Филипче додава дека владата мора да побрза, бидејќи Албанија и Црна Гора напредуваат кон ЕУ, со големи чекори.

„Легитимно е владата да бара дополнителни гаранции. Еден од аргументите беше дека во Софија нема политичка влада, сега има. Апсолутно го поддржувам премиерот да побара што поскоро средба со политичката влада, со претставниците, со премиерот во Бугарија, за да се расчисти и тој дел, да видиме дали можеме или не да добиеме дополнителни гаранции. Ќе поддржиме, повторувам, секој подобар предлог. Апсолутно! Секоја форма на дополнителни гаранции. Сепак, нека се случи што поскоро, бидејќи времето минува, Албанија и Црна Гора одат напред со големи чекори“, рече Филипче.