Оваа коалиција, овие луѓе позади мене, сите нашите кандидати, сите ние веруваме и знаеме дека борбата за подобар живот треба да ја водиме во секоја улица, во секое маало, во секоја населба, во секоја општина, истакна претседателот на СДСМ Венко Филипче на денешната изборна конвенција на СДСМ.
Тоа, додаде тој, е борба за победничка држава, победничка држава на граѓаните, а не на партиите.
Филипче истакна и дека патриотизмот не значи злоупотреба на системот, туку обезбедување здрава, чиста средина за секој граѓанин
„Нас нѐ поврзува обврската за враќање на вербата на народот. Дека гласот на секој граѓанин е вреден и слушнат. Дека имаме искрени намери власта да ја вратиме во рацете на граѓаните, дека постојат луѓе на овие избори кои нудат чесна, остварлива и реална програма и кои нема да ги заборават граѓаните по изборите. Подаваме рака кон сите заедници без исклучок. Наши водилки се грижата, солидарноста, правдата, слободата и еднаквоста. Нѐ поврзува определбата за воспоставување на вредносен систем во кој патриотизмот и достоинството не се злоупотребуваат за партиски рејтинг. Определбата дека патриотизам е да обезбедиш безбедни, чисти, здрави средини за македонските граѓани. И дека патриотизам е секој ден да мислиш како на сите да им биде подобро. Патриотизам е да обезбедиш неповратни европски грантови за развој на државата, а не сомнителни кредити со камати кои ќе ги враќаме со децении, а од кои досега не гледаме ништо суштинско. Граѓаните се најважното политичко семејство во Македонија. А граѓаните гласно и јасно сведочат за застранувањето на власта, која очигледно прерано го изгуби тлото и која сега се води само и исклучиво од партиски интереси“ порача Филипче.