Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, повика на внатрешен консензус меѓу сите политички актери во земјата, со цел да се утврди како ќе се постигне соработка за да може земјата да го продолжи процесот на европска интеграција.
По средбата со еврокомесарот за проширување, Марта Кос, Филипче изјави дека СДСМ останува целосно посветена на процесот на европска интеграција и дека тоа е единствениот начин државата да ги зајакне своите капацитети, граѓаните да имаат подобра економска позиција и да има вистинска реформа на правниот систем.
„Жалам што во текот на изминатата година имаше стагнација на тој пат, недостасува стратегија, политика и дијалог и за жал се отвораат затворени прашања. Побарав поддршка од еврокомесарот, од неа лично и од сите европски институции, за да го деблокираме нашиот пат кон европската интеграција и сакам да кажам дека ова не е време за калкулации, ниту за тесни и мали партиски интереси. Ова е време во кое секоја партија мора да направи сè што може за да продолжи по патот на европската интеграција, да ги отвори поглавјата од преговорите затоа што граѓаните го очекуваат тоа од нас“, рече Филипче.
Тој ја оцени средбата со еврокомесарот како конструктивна и како доказ за континуираната и искрена поддршка што Европската Унија ѝ ја нуди на земјата.