Филипче: Само со силен СДСМ може да се движи земјата напред

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, синоќа од Ресен повика на масовна излезност на локалните избори во недела. На митингот во овој град, Филипче рече дека овие избори не се само избор меѓу партии, туку избор меѓу минатото и иднината.

„Да се ​​обединиме околу вистинските вредности и да покажеме дека имаме сила и храброст да се бориме за нашиот дом, за нашата иднина, за нашето семејство. Само обединети и само со силен СДСМ може земјата да оди напред. Само тогаш можеме да зборуваме за вистински развој и стабилност“, рече Филипче.

Изминатите четири години локална самоуправа на ВМРО-ДПМНЕ и година и пол централна власт, како што рече Филипче, не донесоа ништо добро за земјата и нејзините граѓани.

„Изминатите четири години локална самоуправа на ВМРО-ДПМНЕ и година и пол централна власт не донесоа ништо добро за земјата и нејзините граѓани, нивниот резултат е чиста нула. Ниту еден нов проект, ниту една инвестиција, ниту една вистинска мерка што го подобрува животот. Празни ветувања и неактивност. Стагнација, запоставени општини, заборавени граѓани. А тука во Ресен, нивната неактивност е многу јасно видлива. Погледнете го Ресен денес по четири години, што ветија и што беше направено“, нагласи Филипче.

Тој рече дека ветените проекти останале само на хартија и наместо развој во Ресен, граѓаните добиле стагнација.

За кандидатот за градоначалник, Александар Бузлевски, рече дека заедно со граѓаните, Ресен ќе стане функционална, уредна, чиста и модерна општина со можности за младите.