Филипче: Со ВМРО-ДПМНЕ, државата целосно ги напушта вредностите на демократијата, еднаквоста и солидарноста

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на средба со граѓани во Свети Никола, изјави дека „е потребно враќање кон вистинските вредности, демократијата и фер владеењето во Македонија“, нагласувајќи дека мала група на ВМРО-ДПМНЕ целосно ја контролира државата.

„Првиот претседател на Владата на Македонија во рамките на Југославија и првиот претседател на Југославија по Јосип Броз-Тито потекнува од Свети Никола. Сега сме собрани тука, пред неговиот споменик, во момент кога се уништуваат вредностите воспоставени со народноослободителната војна: еднаквост, солидарност, демократија. Време е да ги вратиме тие вредности!“, рече Филипче.

Лидерот на СДСМ ја истакна улогата на партијата во најтешките одлуки за државата од 1991 година, која секогаш имала за цел да ги заштити интересите на граѓаните и државата, без оглед на политичката цена.

„Никогаш не сме ја злоупотребиле државата. Имавме добри политики, од социјална помош до медиумски слободи. Но, не ги продадовме добро. Се соочивме со невидена пропаганда“, додаде Филипче.

„Немаме друга иднина, освен сите заедно – во мала земја, во мал град, каде што само ако се согласиме и работиме заедно, можеме да успееме. И ова мора да започне на локално ниво – од секоја општина“, рече Филипче.