Трошењето на буџетските средства да биде строго таргетирано, максимално да се поддржат фирмите кои имаат потреба, посебно иновативните и само ранливите категории граѓани, не сите, а монетарната политика да се затегне, да пораснат каматните стапки, но да не се претера со зголемување на основната, референтна каматна стапка зашто тоа ќе има повратен ефект врз намалување на инвестициите и блокирање на растот, порача денеска академик Таки Фити кој беше еден од учесниците на владината конференција „Година на нови можности“.
Според академик Фити, акцент мора да биде ставен и врз јавните инвестиции, на порастот на продуктивните јавни инвестиции особено во енергетиката, (премин во обновливи извори, зелени технологии), како и на инвестициите во човечкиот капитал (образование, едукација, дигитализација).
Фити укажа и дека мора да се води сметка за порастот на продуктивноста и порастот на платите зашто секое зголемување на платите надвор од продуктивноста, како што објасни, има инфлаторен ефект.
Неопходна е, додаде професорот, и помош за локалните фирми подобро да се вклучат во регионалните синџири на дејности преку странските компании во индустриските зони.
– Мора да се гради фискален простор, Северна Македонија до денес го изгуби фискалниот простор, јавниот долг надмина 60 отсто. Неопходна е фискална консолидација, постепено намалување на буџетските дефицити, сведување во нормални рамки типични за земјата, на среден рок не поголеми од два до три отсто од БДП. Тешко ќе може да се тргне од буџетот заштитата на најранливите категории, но тука треба да се оди претпазливо и многу таргетирано. Зголемувањето на платите е дефинирано системски, но мора да се води сметка за порастот на продуктивноста и порастот на платите, секое зголемување на плати надвор од продуктивноста, има инфлаторен ефект, оцени Фити.
Според него, земјава не е во стаклација, но е блиску до таква ситуација, а кучното прашање е, како во ваков тип криза да дејствуваат фискалната и монетарната политика и како да се координираат.
-Со големи фискални стимули и со лабава монетaрна политика дотурате бензин на огнот што гори. Инфлацијата ќе оди нагоре. Затоа, мора да се обмисли нов начин на координација на двете политики, подвлече академик Фити.
Тој изрази загриженст за предвидувањата во светски рамки и за тоа како таквите состојби ќе се одразат врз државата.
-Ме загрижува што лошо оди светската економија и може да се случи со ниски стапки на раст од 1,8 отсто да се намалат приливите во Буџетот и да не се реализираат средствата, па значајните предвидени програми да бидат ставени под знак прашање. Најлошо за Северна Македонија е што ЕУ како наше релевантно надворешно трговско подрачје и посебно Германија како наш најголем трговски партнер, се соочуваат со сериозни проблеми. Растот во еврозоната ќе биде само 0,5 отсто на годишно ниво во 2023-та, а во Германија се очекува негативна стaпка од -0,3 што има силeн импакт врз нашата економија. Затоа и кај нас се намалени прогнозите, рече Фити, дополнуваjќи дека според предвидувањата на ММФ, можно е растот во светски рамки да падне и под два процента.
Академик Таки Фити се осврна и на Националната стратегија за развој на државата во наредните 20 години која се изготвува. Притоа напомена дека за нејзина реализација е неопходен широк консензус – меѓугенерациски, меѓуетнички, меѓуродовски и меѓупартиски.