Фон дер Лајен: ЕУ нема да се откаже од своето право да донесува одлуки во царинските преговори

Европската Унија нема да се откаже од своето право да донесува политички одлуки во преговорите со Соединетите Американски Држави со цел да избегне повисоки американски царини за стоки од ЕУ, изјави денес претседателката на Европската комисија (ЕК) , Урсула фон дер Лајен .

Таа посочи дека Брисел разговара за царинските линии со Вашингтон, како и за нетарифните бариери, како што се стандардите и нормите, објави Ројтерс.

– На пример, разговараме за стратешки набавки – изјави фон дер Лајен по самитот на Европската унија и Канада.

Според неа, процесот на суверено донесување одлуки во Европската Унија и нејзините земји-членки е под закана.

– Ова е премногу – истакна таа, алудирајќи на шпекулациите дека Вашингтон можеби врши притисок врз Брисел да го одложи спроведувањето на законите како што се оние за уништување на шумите и онлајн платформите или за давање исклучоци на американските компании.

САД моментално применуваат царини од 25 проценти за алуминиум, челик и автомобили од Европската Унија, како и општи царини од 10 проценти за целиот увоз од ЕУ.

Преговорниците од Брисел претходно изразија надеж дека понудата Европската унија да прифати американски царини од 10 проценти за целиот извоз во Соединетите Американски Држави ќе помогне да се избегнат повисоки царини за автомобили и други производи, објави германскиот весник „Ханделсблат“.