Македонија треба да ги направи уставните измени за да го продолжи својот пат кон Европската унија (ЕУ), порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по средбата со македонскиот премиер Христијан Мицкоски денеска (15 октомври) во Владата.
Фон дер Лајен е во посета Македонија во рамки на тридневна турнеја низ земјите од регионот на Западниот Балкан.
„Ние целосно ја поддржуваме Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Можете да сметате на нас. Следниот и единствен чекор пред почетокот на преговорите е јасен. Треба да ја направите договорената уставна промена. Топката е во вашиот двор. ЕУ е подготвена“, напиша фон дер Лајен на мрежата Икс (поранешен Твитер) по средбата со Мицкоски. Од Владата соопштија дека се разговарало за европската перспектива, напредокот на реформските процеси, економската соработка, енергетската безбедност и дигиталната трансформација.
„Премиерот Мицкоски ја истакна решеноста на Владата да ја забрза евроинтеграцијата на државата преку конкретни резултати и исполнување на европските стандарди. Тој посочи дека државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности. Посетата на претседателката на Европската комисија претставува потврда на отворениот дијалог и заемната подготвеност за продлабочување на партнерството, во интерес на стабилноста, економскиот развој и европската иднина на земјата“, пишува во соопштението од Владата.
На скопскиот аеродром, претседателката на Европската комисија ја пречека шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски.
Тој на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека од денешните средби на фон дер Лајен со државниот врв на земјава очекува да се потврди поддршката на за европската интеграција на Западен Балкан и постепеното приближување на регионот кон единствениот пазар на Европската Унија.
„Членството во Европската Унија останува стратешки приоритет на македонската надворешна политика“, напиша Муцунски.
Фон дер Лајен се сретна и со претседателот на Собранието Африм Гаши. По средбата, претседателката на ЕК напиша дека земјава од ЕУ добила 16 милиони евра за направените реформи.
„Во меѓувреме, ја доближуваме вашата земја до нас. За тоа се работи во Планот за раст! Отвораме фабрика за вештачка интелигенција во Скопје. Ве вклучуваме во Единствената платежна зона на Европа. И исплаќаме 16 милиони евра благодарение на реформите што ги направивте“, напиша фон дер Лајен на „Икс“.
Станува збор за проектот за дигиталната трансформација на земјава, наречен „Везилка“ – Национален центар за вештачка интелигенција (ВИ) во вредност од околу 6 милиони евра кој треба да се реализира со финансиска поддршка од ЕУ. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, вчера го претстави овој проект.
Во агендата на претседателката на ЕК е и средба со претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова.
По средбите не беа предвидени изјави за медиумите. Македонија сè уште нема отворено кластери од преговорите со ЕУ бидејќи услов за тоа да се случи е вметнување на бугарската заедница во Преамбулата во Уставот, на што власта не се согласува без гаранции дека ќе нема други условувања и вета од Бугарија.
Претставници на власта најавија раздвижувања околу евроинтеграциите по локалните избори. Министерот за европски прашања Орхан Муртезани изјави дека „постои сериозна одлучност кај премиерот и Владата веднаш по изборите да се преземат конкретни чекори за надминување на спорот со Бугарија“.
Сиљановска-Давкова вели дека во моментот државата нема официјална комуникација со властите во Софија бидејќи е предизборен период, но дека одредена комуникација на маргините, постои.
Македонија и Бугарија од 2017 година имаат меѓусебен Договор за пријателство, добрососедство и соработка.Сепак, во ноември 2020 Софија стави вето за почеток на пристапните преговори на Скопје поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство. Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис за преговарачката рамка на Македонија која прифати во Преамбулата од Уставот, покрај постоечките, да се додаде и бугарската заедница, но од друга страна, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.
По постигнатото решение, Македонија на 19 јули 2022 година ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата на Уставот.