Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски изјави дека се надева оти сите политички сили во земјата, со заеднички дијалог ќе се здружат и ќе ги направат потребните чекори за напредок.
„Ние имаме јасна цел, а тоа е да се отвори кластерот фундаментални вредности што е можно поскоро. Речиси сме таму, треба да поминат уставните промени на кои вашата држава се согласи дека ќе ги направи. Уверена сум исто како и вас дека можеме да ги надминеме пречките кои постојат, рече Фон Дер Лајен.
Таа нагласи дека проширувањето на ЕУ ќе остане приоритет.
„Драг Христијан, бидете сигурен дека проширувањето ќе остане врвен пориоритет на Европската комисија во следните пет години. Сега ги имаме сите потребни алатки и инструменти за да го овозможиме тоа, рече таа.
Претседателката на ЕК нагласи дека Северна Македонија постигна многу и дека покажа одлучност во преземањето на секој чекор.
„И навистина сакам да ја пофалам Северна Македонија и да одадам почит на луѓето. Сега работата навистина мора да продолжи, рече таа.
Премиерот Мицкоски рече дека Владата високо ја цени заложбата на претседателката на ЕК за нашиот евроинтеграциски пат и дека очекува ЕУ заедно со нас да помогне како да го продолжиме тој пат почитувајќи го ставот на граѓаните.