Формиран Балкански форум на уставни судови – Уставниот суд на Македонија меѓу основачите

Претседателката на Уставниот суд на Северна Македонија, Добрила Кацарска во име на Судот потпиша Меморандум за разбирање и основање на Балкански форум на уставни судови заедно со претседателите на уставните судови на Бугарија, Албанија, Црна Гора, Косово и Турција. 

Балканскиот форум на уставни судови е основан за да помогне во развивање на меѓусебен дијалог, спроделување на уставната пракса, градење на капацитети и професионален развој на судиите и стручните служби во областа на уставно право,  подигнување на нивото на комуникација на уставните судови со јавноста, стои во соопштението на Уставниот суд. 

Оттаму наведуваат дека согласно Меморандумот овие цели ќе се реализираат преку одржување на годишни средби и состаноци, обуки и работилници на кои ќе бидат изложени дискусиите за уставното право и предизвиците со кои се соочуваат  уставните судови во современите околности на примена при одлучување за правата и слободите на граѓаните. Преку овој форум предвидено е да се основаат работни групи и комитети на експерти со фокус на специфични области од уставното право, кои ќе изработат истражувања, анализи и мислења кои ќе бидат значајна помош при практицирањето на уставната материја. 

По потпишувањето  на Меморандумот беше отворен првиот годишен состанок на Балканскиот уставен форум и покрај судовите-потписници, присуствуваа претставници од уставните судови на Босна и Херцеговина, Грција, Романија и Хрватска. Се одржа и првата заедничка конференција на која учесниците ги споделија искуствата од своите држави и устави за пристапот на граѓаните до уставната правда. 

Основачкиот состанок на Балкански форум на уставни судови се одржа вчера во Софија, Бугарија, со подршка и присуство на претседателот на Судот на правдата на Европската Унија Коен Ленартс, потпретседателот на Европскиот суд за човекови права,Марко Бошњак и потпретседателот на Европската Комисијата Вера Јурова.

Македонската делегација ја претставија претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, судијата Елизабета Дуковска, секретарот на Судот, Александар Лазов и портпаролката Христина Беловска.

Македонија