Цела Грција е во шок по ужасните сцени кои се случија пред арената „OPAP“ во грчката населба Нова Филаделфија, пред почетокот на натпреварот од квалификациите за Лигата на шампионите, кога повеќе од 100 навивачи на Динамо Загреб нападнаа навивачи на ривалот АЕК, а во нападот е убиен 29-годишен навивач на грчкиот клуб.
На местото на настанот навивачите на грчкиот клуб поставија црни и жолти шалови и дресови на АЕК и свеќи распоредени во форма на буквата М, односно почетната буква од името на 29-годишниот Михалис. Младиот човек се здобил со повеќе убодни рани, поради што и покрај напорите на докторите починал во болницата, јавуваат соседните медиуми.
Како што објави грчкиот веб-портал Newsbomb, навивачот на АЕК бил прободен со нож во артеријата на раката, што предизвикало неконтролирано крварење. Повредата била смртоносна, поради што набрзо по пристигнувањето во болница починал.
Министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, го коментираше нападот врз навивачите на АЕК од страна на хрватските хулигани.
„Ова убиство е тажна алка во синџирот на насилство на навивачите, мора да се смени менталитетот на колективното насилство. Движењето на навивачите на Динамо Загреб се одвиваше поединечно и покрај забраната изречена од УЕФА. Полициските службеници овде функционираа поинаку“, вака Јоргос Герапетритис го коментираше доаѓањето на хрватските навивачи.
Грчкиот веб-портал Newsit пишува дека навивачите на Динамо Загреб дошле во Атина патувајќи со приватни автомобили низ Албанија за да ја измамат полицијата. Се преправале дека се туристи и успешно поминале 1.400 километри, полицијата ги следела до влезот во Атина, по што побегнале.
Грците тврдат дека подоцна се собрале на метрото и се упатиле кон стадионот каде ги нападнале навивачите на домашниот клуб, а наводно во целиот потфат имале помош од навивачите на Панатинаикос.
Во насилниот инцидент се повредени уште осум лица, меѓу кои и 17-годишник, а тројца Грци и пет Хрвати се хоспитализирани. Уапсени се 96 лица кои се приведени на распит во ГАДА (главно полициско одделение на Грција).
На социјалните мрежи се шират гласини дека навивачите на Панатинаикос биле со хулиганите на Динамо Загреб пред стадионот на АЕК во Нова Филаделфија, а околу 23 часот заедно ги нападнале навивачите на АЕК. Избила жестока тепачка, биле употребени палки, молотови коктели и се што им дошло при рака на навивачите.
Поради трагичната вест за смртта на навивач на АЕК, постои можност натпреварот да не се одржи.