Полицијата од Чешка во четвртокот извести дека неодреден број луѓе биле убиени и ранети во пукање на Филозофскиот Факултет во строгиот центар на Прага.
„Врз основа на првите информации можеме да потврдиме дека на лице место има мртви и повредени“, соопшти првично полицијата на социјалната мрежа Х (Твитер).
Од полицијата првично објавија дека може да има многу жртви.
„Целата зграда во моментов се евакуира, а на лице место има неколку загинати и десетици повредени“, соопшти полицијата, пренесуваат чешките медиуми.
Според последните информации, пукањето се случило на Филозофскиот Факултет на Универзитетот „Чарлс“. Наводно, насилникот пукал во луѓе со долгоцевно оружје, според информациите на медиумската агенција Aktu.cz.
На местото на настанот владеела целосна паника, а тоа го докажуваат и видео-снимките на социјалните мрежи на кои се гледа како луѓе како панично бегаат од местото на настанот.
Според последните информации, сторителот е „елиминиран“.
„Стрелачот е елиминиран! Во моментов е во тек евакуација на целата зграда, а на лице место има неколку загинати и десетици повредени“, извести полицијата во 16 часот на социјалната мрежа Х (Твитер).
На граѓаните им било препорачано да го напуштат просторот каде што се наоѓаат Филозофскиот Факултет на Универзитетот „Чарлс“ и Академијата за уметност, архитектура и дизајн, јавува Sky News.
Според професор на Универзитетот „Чарлс“, студентите и вработените добиле порака преку е-пошта да се забарикадираат односно засолнат.
„Забарикадирани сме на вториот кат, пукањето се случи од четврти“, рекол професорот додадал дека слушнал голем број истрели.
Околу 16,00 часот, откако полицијата соопшти дека напаѓачот е неутрализиран, истиот професор изјави дека евакуацијата е во тек.
Се наведува и дека слична е-пошта добиле и вработените во Академијата за уметност, архитектура и дизајн, која исто така се наоѓа на плоштадот „Јан Палах“.
„Останете таму каде што сте, не одете никаде. Ако сте во канцелариите, заклучете ги и ставете предмети пред вратите. Исклучете ги светлата, напаѓачот најверојатно е на четврти кат од зградата“, стои во е-поштата што ја поседуваат и новинарите на чешките медиуми.