Силно невреме проследено со дожд предизвика поплави кои предизвикаа најмалку седум жртви во Грција, Турција и Бугарија, пишува весникот The Guardian.
Двајца туристи го загубиле животот кога биле однесени од поплава што потона камп во провинцијата Киркларели во северозападна Турција. Министерот за внатрешни работи на Турција, Али Јерликаја, изјави дека четири лица се водат како исчезнати по поплавата. Според информациите, во моментот кога поплавата го опустоши кампот, во него имало 12 туристи. Екипите за пребарување лоцираа двајца од загинатите, а се уште трагаат по четворицата исчезнати.
Турските телевизии прикажаа снимки од спасувањето на девојче и возрасен од водите. Телевизијата Habertürk објави дека поплавите оштетиле еден од главните патишта во провинцијата Киркларели и дека поради тоа локалните власти го затвориле.
Две лица загинаа во поплавите што избувнаа во најголемиот турски град Истанбул поради обилните дождови. Водата навлезе во домовите во најмалку две градски области на Истанбул и направи неколку патишта непроодни. Поради поплавите десетина лица извесно време биле задржани во библиотека, но итната помош ги спасила оттаму. Поплавите ги принудија градските власти да затворат неколку метро станици. Гувернерот на провинцијата, Давут Ѓул, побара од мотоциклистите да се држат надвор од патиштата.
Обилни дождови во понеделникот го погодија и градот Мугла во југозападна Турција, а гром предизвика пожари на 36 локации, јавуваат турските медиуми.
Турција во средината на август беше погодена од топлотен бран. Температурите на исток и понатаму се над нормалните вредности за овој период од годината, додека на други места времето е стабилизирано, соопшти метеоролошката служба.
Поради рекордни врнежи, грчката полиција го затвори сообраќајот во градот Волос во центарот на земјата, областа околу планината Пелиус, која се наоѓа во близина на Волос и на блискиот остров Скијатос. Дождовите предизвикаа поплави во Грција кои однесоа најмалку еден живот и однесоа многу автомобили. Еден човек загинал кога врз него паднал ѕид недалеку од Волос. Пет лица од тоа подрачје се сметаат за исчезнати, а се сомневаат дека ги однела надојдената вода. Поради поплавите градските власти на Волго евакуираа дом за стари лица.
Подоцна во средата грчките медиуми напишаа дека најмалку две лица загинале во поплавите во Грција, а тројца се водат за исчезнати. Но, не се наведува каде загинале тие две лица, ниту пак каде исчезнале овие тројца.
Грчките власти ги предупредија жителите на централниот дел на земјата – островската група Споради и островот Евија – да бидат внимателни кога ги напуштаат своите домови.
Потоците што течат околу планината се излеале од нивните корита и ги однеле автомобилите во морето. Поплавите предизвикаа одрони на камења кои ги блокираа патиштата и уништија мал мост. Неколку населени места останаа без струја во овој дел на Грција.
Грчките метеоролози соопштија дека 75,4 сантиметри дожд паднале доцна во вторникот во село во близина на планината – најмногу од 2006 година. Метеоролозите посочуваат дека во Атина во просек годишно паѓаат приближно 40 сантиметри дожд.
Грчкиот министер за климатски кризи и цивилна заштита, Василис Кикилијас, кажа дека невремето се очекува да се намали во среда попладне. Тој ги советуваше жителите на најзагрозените подрачја да не ги напуштаат своите домови.
Премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, смета дека климатските промени се виновни и за невремето и за пожарите кои неодамна ја опустошија Грција и убиваа повеќе од 20 луѓе. Киријакос Мицотакис призна дека неговата Влада не реагирала соодветно на пожарите.
„Се плашам дека повеќе нема да имаме безгрижни лета и дека следното ќе биде тешко“, изјави Киријакос Мицотакис.
Премиерот на Бугарија, Николај Денков, изјави дека две лица загинале, а три се водат за исчезнати во поплавите на јужниот брег на Црното Море. Излеаните реки оштетија патишта и мостови и предизвикаа прекини на електричната енергија. Бугарските власти ги предупредија жителите на областа да не пијат вода од чешмата. Силните ветрови создадоа бранови високи два метри кои ги преплавија туристичките места. Обилните дождови поплавија улици и куќи.
Телевизиските станици прикажаа снимки на кои се гледа како автомобилите и камперите во туристичкото место Царево завршиле во морето. Властите прогласија вонредна состојба во Царево откако реката Велека се излеа од коритата и побараа граѓаните да се преселат на повисоките катови од хотелот.
Во летувалиштето Синеморец прекинато е снабдувањето со електрична енергија, а помалото село Кости е евакуирано.