Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, за време на неговата последна посета на Абу Даби потпиша договори во вредност од 50 милијарди долари со Обединетите Арапски Емирати.
Двете земји се согласија да формираат Заедничка комисија за унапредување на економската и трговската соработка, а договорите, исто така, опфаќаат инвестиции, вселенски и одбранбен развој, како и проекти за енергија и природни ресурси, објави државната медиумска агенција WAM. Абу Даби беше последната станица на Реџеп Таип Ердоган на турнејата во Заливот, фокусирана на заживување на турската економија, која се бори со ослабената лира, големиот дефицит и хроничната инфлација.
Подобрите односи со богатите, но до неодамна непријателски настроени кон Турција, земјите од Персискиот залив се сметаат за одлучувачки за закрепнување на економијата, а со тоа и за консолидација на владеењето на Реџеп Таип Ердоган. Пред ОАЕ, ‘султанот‘ ги посети Саудиска Арабија и Катар.
Турскиот претседател при пристигнувањето во арапските земји го привлече вниманието со своите превозни средства. Имено, тој патувал со луксузен авион вреден 500 милиони долари. Турскиот претседател тврди дека авионот Boing 747-8 го добил на подарок од катарскиот емир Тамим бин Хамад Ал Тани пред пет години.
Сепак, турската опозиција тврди дека авионот го платила Владата, односно дека е платен од парите на даночните обврзници. Прашањето за финансирање на авионите повторно се најде под лупа на јавноста додека Турција се бори со валутна криза.
Воздушниот ‘ѕвер’ е дизајниран да превезува 94 луѓе, односно 76 патници и 18 членови на екипажот, а има различни и пространи кабини, сали за состаноци, па дури и болница. Авионот претходно го користела авио-компанијата Qatar Amiri Flight, приватна авио-компанија која превезува членови на кралското семејство и високи владини претставници. Поради својот неверојатен луксуз, авионот бил наречен „летечка палата“.
Кога излезе во продажба во септември 2018 година, The Drive го опиша авионот како „најголем и најскап приватен авион во светот“. Авионот подарен на Турција беше еден од четирите достапни за Ал Тани и катарските владини претставници. Авионот претходно бил регистриран на Бермуди како VQ-BSK, но по пристигнувањето во Турција ја промени регистрацијата во TC-TRK. Откако доби нов сопственик, леталото го промени и дизајнот – авионот е префарбан од канелени во светло црвено со бела полумесечина и ѕвезда, односно боите на турското знаме.
Авионот излета од производната линија на Boing во Еверет во 2012 година, а потоа бил опремен со ВИП ентериер. Тој официјално бил во служба на катарското семејство од 2015 година. Авионот може да прими повеќе од 400 патници, но внатрешноста на овој е специјално дизајнирана за само 76 патници така што секој од нив ќе има многу повисоко ниво на луксуз.
По пристигнувањето на „Кралицата на небото“ во Турција во септември 2018 година, таа беше испорачана во објектот за одржување на меѓународниот аеродром „Сабиха Ѓокчен“ во Истанбул за сервисирање и надградба. Не е познато што точно променила турската Влада по преземањето на авионот, но сигурно задржала барем дел од луксузот во кој уживал катарскиот емир, како што се големи спални соби, бањи, пространи кабини и салони. Друга многу интересна карактеристика на авионот е присуството на најсовремена медицинска установа со хируршки кревет за жиро-стабилизирање.
Авионот го направил својот прв лет во турска служба на 5. октомври 2018 година од Истанбул до Анталија, а потоа до Измир пред да полета за главниот град Анкара.
Се верува дека катарскиот емир му го подарил авионот на Реџеп Таип Ердоган откако Турција ја поддржа Доха кога неколку арапски земји ги прекинаа дипломатските односи и воведоа блокада на Катар во јуни 2017 година. Како одговор на блокадата, Турција испрати 197 товарни авиони полни со храна и други стоки во Доха во првиот месец од блокадата и го зголеми својот воен гарнизон во Катар. Поддршката на Турција за Доха за време на раните денови на кризата беше од витално значење за да се одржи земјата снабдена со доволно храна и други клучни залихи.