Во текот на 80-тите години на минатиот век, Настасија Урбано беше една од најбараните европски модели. Оваа дама неколку пати ги красеше насловните страници на магазинот Vouge, но и на други престижни списанија, а бројните ангажмани и ја отворија вратата за успех во САД.
„Работев за сите списанија, сите ме сакаа. За една година заработив милион долари, а таа година работев само 20 дена, а тоа се повтори три-четири години по ред“, изјавила поранешната манекенка за шпанскиот весник el Periodico и додала: „Имав се, живеев како кралица“.
Нејзиниот живот сега е дијаметрално спротивен од она што бил порано. Настасија Урбано ги жнееше придобивките од славата, но нејзината популарност избледе, а набрзо и нејзиното богатство – денес таа е практично бездомник и живее во Барселона.
Таа вели дека била уништена од познанството со маж кој подоцна и станал сопруг, кој ја „исцедил“ до последниот денар, а потоа едноставно си заминал… Денеска таа истакнува дека нивните деца се единственото добро што го добила таа од тој брак.
„Го финансирав нашиот животен стил, а тој ме остави само со облека на себе. Тој плати за се со мои пари. Само два дена откако го запознав, тој сакаше да купам BMW, а јас како будала му го потпишав чекот. Бев заљубена“, рекла Настасија Урбано.
Настасија Урбано била толку разочарана од поранешниот сопруг што целосно се распаднала и страдала од депресија, а потоа почнало нејзиното лошо однесување. Таа признала дека низа станоиздавачи ја исфрлиле од станот, со оглед на тоа дека на ниту еден не можела да ја плати киријата, па денес е осудена да талка од една на друга пријателка за да и даде кревет, на барем за една ноќ. Кога не сака никого да замара, ноќта ја поминува на клупите низ градот.
„Сакам децата да ме гледаат во поинакво светло. Сакам да се опоравам како личност, сакам да се гордеат со мене“, изјавила оваа 57-годишна дама.
Инаку, кариерата ја започна во Барселона, а работеше за бројни луксузни брендови, меѓу кои Revlon и Yves Saint Laurent. Таа се дружеше со Џек Николсон, Роман Полански и Енди Ворхол, а беше и еден од гостите на свадбата на Мадона и Шон Пен.
Кога протече веста за моменталната ситуација на некогаш познатата Настасија Урбано, група поранешни колеги и познаници решија да направат се што е во нивна моќ за да и помогнат да застане на нозе.
„Никој не би помислил дека тоа е можно. Ние бевме третирани како принцези, но таа беше третирана како божица. Таа не го заслужи ова. Ќе ѝ помогнеме штом разговараме со неа и ќе дознаеме што и треба“, изјавила поранешната манекенка Рут Шулер, која ја памети Настасија Урбано како отворена и дарежлива личност.
Се огласи и поранешниот колега на Настасија Урбано, Хернандо Херера, кој е убеден дека таа сепак има што да му даде на светот на модата.
„Барам фотографи и агенции за да може повторно да работи и да живее нормално. Жал ми е што претходно не знаев како стојат работите“, рекол тој.