Кејт Мидлтон присуствуваше на престижниот тениски турнир Вимблдон, заедно со својот близок пријател, поранешниот тенисер Роџер Федерер и неговата сопруга Мирка Федерер, пишува „Дејли мејл“.
Принцезата од Велс беше дел од многубројната публика, која му даде громогласен аплауз на спортистот за неговите ѕвездени достигнувања во „белиот спорт“.
Како потсетување, Федерер стави крај на својата кариера минатата година. Многу тениски критичари и негови колеги го сметаат за најдобар тенисер на сите времиња.
Како и секогаш, Кејт Мидлтон воодушеви со елегантната модна комбинација. За овој настан, таа се одлучи за бело плисирано здолниште, зелено сако од луксузната модна куќа „Балман“, салонки со потпис на Џанвито Роси и чантичка од „Малбери“.
Модниот стил на Кејт Мидлтон неретко е споредуван со оној на покојната принцеза Дијана, но оваа модна комбинација особено ги потсети сите на саканата „принцеза на народот“ и нејзината љубов кон ваквите сакоа.