Холандија и Данска дефинитивно решија да и дадат на Украина борбени авиони F-16 од американско производство штом ќе се исполнат условите за нивно предавање на Киев.
Медиумската агенција Reuters пренесува дека холандскиот премиер Марк Руте ова го изјавил денеска при посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на воената база во Ајндховен.
Се цитира Марк Руте дека Холандија располага со вкупно 42 F-16, но дека е рано да се каже дали сите ќе бидат донирани на Украина.
Володимир Зеленски, сепак, на Твитер, социјалната мрежа сега позната како Х, објави дека Киев ќе добие 42 авиони.
„Денеска направивме уште еден чекор кон зајакнување на воздушната одбрана на Украина. Овие борбени авиони ќе се користат за да ги држат руските терористи подалеку од украинските градови и населени места“, напиша Володимир Зеленски.
Володимир Зеленски додаде дека постигнал договор со Марк Руте за бројот на авиони F-16 кои ќе бидат префрлени во Украина откако пилотите и инженерите таму ќе завршат обука за нивно користење.
„42 борбени авиони. И тоа е само почеток. Благодарам, Холандија!“, изјави Володимир Зеленски.
Микола Олешук, командант на воздухопловните сили на Украина, изјави за националната телевизија дека воените пилоти во земјата почнале заедничка обука со американските пилоти на борбени авиони F-16.