Белградскиот музеј на жртвите на геноцидот на социјалната мрежа Фејсбук се пожали дека гробиштата на ослободителите на Белград од Втората светска војна се едно од воените споменици кои постојано се изложени на честото и недолично однесување на голем број сограѓани.
Тие објавија и фотографија од девојка која таму се сонча во минијатурно бикини.
„Поради незнаење, преголема незаинтересираност и недостиг на основно образование, како и поради недоволна грижа на одговорните на градско и национално ниво, ова место со текот на времето се претвори во простор за спортски активности, рекреација, а сега и за сончање“, се вели во објавата на социјалната мрежа.
„За срамното и апсолутно неприфатливо однесување на еден наш сограѓанин кој избра да се сонча на гробиштата на ослободителите, сведочи сцената снимена пред извесно време од нашите колеги, стручни лица од Заводот за заштита на спомениците на културата на град Белград за време на Втората светска војна“, се додава во објавата.
„Неедуцираноста и соодветните санкции за ова и слично некоректно, срамно и неприфатливо однесување резултираше со се почести примери на недолично однесување на многу наши сограѓани кои сквернават воени споменици, гробници и мртовечници од Втората светска војна“, се нагласува во објавата.
„Затоа, Музејот на жртвите на геноцидот уште еднаш апелира до одговорните во локалните самоуправи, надлежните министерства и државните правобранителства без одлагање да реагираат на ваквите постапки и соодветно да ги санкционираат. Исто така, Музејот ги повикува министерствата и органите на локалната самоуправа да обезбедат физичка и техничка заштита на најзначајните воени споменици од Втората светска војна низ нашата држава за да ги заштитат од се поголемиот број наши сограѓани чие однесување носи голем срам за целото наше општество“, се заклучува во објавата.
Истовремено, Музејот во наредниот период дополнително ќе ги интензивира едукативните програми насочени, меѓу другото, и за спречување на ова и слично срамно однесување, најавуваат оттаму.