Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун, пристигна во Русија со приватен воз од Пјонгјанг, објави денеска државната медиумска агенција KCNA и објави фотографии на кои се гледа дека патува во придружба на највисоките претставници на воената индустрија, дипломати и воени команданти.
Според официјалните најави на Кремљ, Ким Џонг Ун ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.
Американските власти, кои први зборуваа за можноста за таква посета, сметаат дека една од темите на разговор најверојатно ќе биде договорот според кој Северна Кореја ќе и испорачува на Русија оружје за војната во Украина.
Делегацијата вклучува истакнати воени членови на владејачката партија, вклучително и директорот на секторот за индустрија за воена опрема Џо Чун Рјонг, а според аналитичарите, составот на делегацијата укажува дека посетата ќе се фокусира главно на соработката во воената индустрија и безбедносните прашања.
„Присуството на Џо Чун Рјонг укажува дека Северна Кореја и Русија ќе склучат некаков договор за набавка на воена опрема“, изјави Мајкл Маден, експерт за Северна Кореја од Вашингтон.
Фотографиите објавени од државните медиуми покажаа воена почесна гарда и толпа луѓе кои веат цвеќиња и знамиња додека Ким Џонг Ун се качува во темнозелениот воз, за кој се верува дека е оклопен и има друга специјализирана опрема.
Според видео изјавата објавена од портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, главна тема на средбата меѓу Ким Џонг Ун и Владимир Путин ќе бидат односите меѓу соседните земји.
„Ќе продолжиме да го зајакнуваме нашето пријателство“, порача тој.
И Москва и Пјонгјанг ги отфрлија претходните американски обвинувања дека склучиле договори за оружје, но двете земји рекоа дека ќе ги зајакнат одбранбените врски.