Четириесет и пет ученици од основите училишта од Општина Кисела Вода, од социјално загрозени семејства, денеска саминаа на седумдневно летување во одморалиштето „Детски радости” во Св. Стефан, Охрид.
Нивното летување е платено од страна на општината, проект што чини околу половина милион денари, со цел да им овозможи на децата да се дружат, да стекнат нови искуства и вештини, да се избегне нивната социјална изолација и да се поттике нивниот личен развој, самодоверба и одговорност.
„Денес 45 ученици од основните училишта во општина Кисела Вода заминaa на седумдневно целосно бесплатно летување во одморалиштето ‘Детски радости’ во Св. Стефан, Охрид. За нив ќе се грижат наставници, аниматори, рекреатори, патува и доктор кој ќе се грижи за нивното здравје. Овој проект на општина Кисела Вода претставува значаен чекор кон подобрување на квалитетот на живот на децата во социјалeн ризик. Се работи за ученици од семејства кои примаат социјална помош, како и од еднородителски семејства или со ниски месечни приходи, па ова е важна инвестиција во нивниот развој, обезбедувајќи им еднакви можности како што ги имаат нивните врсници“, истакнал градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, соопштија од Општината.
Тој додал дека овој проект е само една од многуте мерки од социјалната сфера кои се реализираат во општина Кисела Вода за поддршка на социјално ранливите категории.
„Како општина, продолжуваме со нашиот ангажман за нивен успешен развој и континуирано подобрување на животот преку дополнителни проекти. И оваа учебна година обезбедивме ранче и училишен прибор за сите првачиња, а како новитет е тоа што сите основци ќе добијат бесплатни униформи. Го продолжуваме и проектот за бесплатни часови по странски јазици, часови за компјутерска технологија и бесплатен спорт за децата од социјално ранливите категории, а пакетот мерки за поддршка ќе биде дополнет и со нови услуги и содржини“, додал градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.