Премиерот Димитар Ковачевски денес во Вилнус на првиот ден од Самитот на НАТО учествува на првата сесија на Северноатлантскиот совет, што се одржуваат на ниво на претседатели на држави и Влади.
„Го започнавме првиот состанок на Северноатлантскиот совет, на кој разговараме за стратегиски концепт за унапредување на одбранбените капацитети и за модернизација на одбраната. Тема на состанокот е и зајакнувањето на отпорноста на членките на НАТО кон растечките сајбер закани. Самитот на НАТО е уникатна можност за сите сојузници да ја покажеме силата и обединетоста во однос на нашите тековни и идни задачи“, објави Димитар Ковачевски на социјалната мрежа Фејсбук.
Во фокусот на агендата на првата сесија од Самиотот е зајакнувањето на колективната одбрана со регионални планови и постојана подготвеност за брзи одговори преку копно, вода и воздух. Политиката на одвраќање, како што информираат од Владата, ќе биде пофокусирана, со надополнување на воените и одбранбени политики.
Една од главните теми на сесијата е продолжувањето на инвестициите во одбраната и новата заложба за инвестиции од одбраната, со договор тоа да биде најмалку два проценти од БДП, а во исто време најмалку 20 отсто да бидат наменети за модернизација.
Северна Македонија одвојува 1,85 отсто, а како што истакна премиерот во изјавата пред почетокот на состанокот, на модернизација се одвојуваат 30 отсто, јави известувачот на МИА од Вилнус.
Заложбата, како што наведува Владата, е потребна за да се зајакнат капацитетите за одбрана, вклучително и растечки сајбер и хибридни закани, но и да се справиме со други предизвици како тероризмот или злоупотреба на нови технологии.