Претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски денеска беше помеѓу граѓаните на Дојран. Во разговорите со нив тој рече дека Владата, заедно со локалната самоуправа предводена од СДСМ го решаваат деценискиот проблем за санација на колекторскиот систем со што директно покажаа одговорност и грижа за Дојранското езеро.
„Нашата грижа за Дојранското езеро ја покажуваме и на дело. Го решаваме деценискиот проблем, обезбедени се средства, меѓу кои и 135 милиони денари од Владата, потребни за санација на колекторскиот систем и нова пречистителна станица. Хидро-системот наскоро ќе биде во функција и ќе биде пуштен во употреба. Заштитата на Дојранското езеро како споменик на природата е исклучително важно за граѓаните на Дојран, но и за сите нас. Дојран постојано се развива, а се зголемува и бројот на туристи. Заедно со градоначалникот Ангов и понатаму ќе работиме за понатамошен развој на општина Дојран на секое поле“, вели Димитар Ковачевски.
Од СДСМ посочуваат дека градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, е пример за одговорност и успешна работа, кој е посветен на реализација на многу проекти во интерес на граѓаните на Дојран.
На иницијатива на градоначалникот Анго Ангов се решава и уште еден долгогодишен проблем со кој се среќава Дојран. Од оваа година на општината ѝ се ставени на располагање зголемен број на амбулантни возила, што ќе е од исклучителна помош во месеците кога Дојран има зголемен број на туристи и посетители.