Повеќе од 20 руски проектили и беспилотни летала се соборени над Киев во раните утрински часови во четвртокот, соопштија градските власти, додека серија силни експлозии го потресоа главниот град на Украина.
Остатоци од ракети паднале во неколку области на градот, а според градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, најмалку седум лица се повредени.
Сирените за воздушен напад се вклучиле во Киев нешто пред 04:30 часот наутро. Околу еден час подоцна, новинарите во областа Подил слушнале звук на дрон проследено со звуци на против-воздушен оган, а потоа и експлозија во близина.
Според Сергеј Попко, прв човек на воената управа на градот Киев, крстосувачки ракети од типот X-101/555 биле лансирани од околу 10 стратешки авиони Tu-95MS.
Во понеделникот наутро, Валериј Залужни, врховен командант на вооружените сили на Украина, објави на социјалните мрежи дека украинските сили собориле 36 од 43 крстаречки ракети лансирани од руски бомбардери.
Виталиј Кличко вели дека службите за итни случаи работат на најмалку две локации во главниот град.
„Киев преживеа уште еден ноќен напад од руски варвари“, истакнува тој.
Според докторите седум лица се повредени во областа Дарница. Тројца од нив се во градските болници. На лице место укажана е помош на четири лица, а нема други повредени.
Цел на нападот беа и градови низ Украина, а официјални лица и локални медиуми известуваат за експлозии во регионите Харков, Хмелницки, Ривне, Виниција, Лавов и Ивано-Франковск.
„Од почетокот на денешниот ден руските окупатори извршија масовен ракетен напад врз цивилната инфраструктура на голем број региони“, соопшти украинскиот Генералштаб.
Двајца мажи на возраст од 29 и 41 година се убиени во руско гранатирање што погоди студентски дом во градот Херсон на југот на земјата, јавуваат тамошните медиуми.
Министерот за внатрешни работи на Украина, Игор Клименко, изјави дека седум лица се повредени во централниот украински град Черкаси, откако биле погодени хотел и неколку киосци.
Во некои области беа пријавени прекини на струја, што укажува на тоа дека нападот би можел да го означи почетокот на очекуваната руска кампања за напади врз цивилната инфраструктура, како што беше минатата година, почнувајќи од почетокот на октомври.