Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и премиерката на Италија, Џорџија Мелони, денес го посетија јужниот италијански остров Лампедуза по повикот од официјален Рим до Европската унија за да се увери во размерите на вонредната ситуација со мигрантите.
Џорџија Мелони во петокот кажа дека зголемувањето на бројот на мигранти извршило неодржлив притисок врз Италија.
Околу 127.000 мигранти влегле во Италија оваа година, приближно двојно повеќе отколку во истиот период во 2022 година.
Група жители на Лампедуза организираа протест што го блокираше патот на конвојот со Џорџија Мелони и Урсула фон дер Лајен.
Премиерката на Италија им порача дека властите прават се што можат и нагласи дека таа лично се појавила да се справи со итната ситуација.
Разговорите ја смириле ситуацијата, а мештаните го деблокирале патот.
Италијанските власти објавија дека повеќе од 5.100 мигранти пристигнале во Лампедуза минатата среда, поради што локалната власт прогласи вонредна состојба, а прифатниот центар може да обезбеди сместување за само 400 луѓе.