Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во средата во Сараево потврди дека Босна и Херцеговина има европска перспектива, под услов да ги спроведе реформите што се очекуваат од неа.
На крајот од својата турнеја низ земјите од Западен Балкан, Урсула фон дер Лајен престојуваше во БиХ, каде што одделно се сретна со членовите на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ и Жељка Цвијановиќ, а потоа и со претседавачот на Советот на министри, Борјана Кришта.
„Иднината на Босна и Херцеговина е во ЕУ“, порача Урсула фон дер Лајен за новинарите по тие разговори, тврдејќи дека ЕУ силно го поддржува европскиот пат на земјата.
На крајот на 2022 година, по шест години чекање, БиХ доби статус на земја кандидат за членство во ЕУ, а во таа земја се надеваат дека би можеле да добијат одобрение за почеток на пристапните преговори до крајот на оваа година, и покрај постојаните внатрешни спорови и блокади кои го забавуваат спроведувањето на реформите.
Во пресрет на пристигнувањето на Урсула фон дер Лајен, Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ донесе резолуција со која ги повикува властите на ЕУ да започнат преговори за членство.
Урсула фон дер Лајен кажа дека Брисел сега очекува „силен напредок“ од Босна и Херцеговина во спроведувањето на 14 реформи и дека земјата не смее да си дозволи никакво назадување, особено во однос на владеењето на правото и основните слободи.
Таа посочи и дека новиот план за раст на Западен Балкан, вреден шест милијарди долари, е најдобар доказ за јасната поддршка на ЕУ за целиот регион, но распределбата на овие пари зависи и од спроведувањето на реформите, исто како што зависи од тоа колку долго Канцеларијата на високиот претставник на ЕУ ќе продолжи да работи во Босна и Херцеговина.
„Тоа е уште еден поттик за сите да ја искористат оваа можност“, нагласи таа, додавајќи дека шест милијарди евра поддршка, од кои две милијарди се грантови, не се распределени однапред по земја, туку ќе бидат распределени „според заслугите“.
Планот за раст на Европската комисија за регионот значи отворање поголеми можности за поврзување на економиите и воспоставување отворен регионален пазар, кој веднаш може да го зголеми БДП во регионот за 10 проценти. Со поврзувањето на единствените пазари на регионот и ЕУ, оценува Брисел, економскиот раст на балканските држави би се удвоил во период од десет години.
Претседавачот на Советот на министри, Борјана Кришта, истакна дека актуелната Влада е максимално ангажирана во спроведувањето на реформите и оти има напредок и дека проблемите може да се решаваат со внатрешен дијалог, бидејќи европската интеграција е заеднички интерес за кој постои консензус во БиХ. Таа се надева дека новиот извештај на Европската комисија за напредокот на БиХ, кој се очекува во Сараево на 8. ноември, ќе биде позитивен.
„Убедена сум дека претседателката на ЕК ќе направи се за да ги препознае напорите, работата и напредокот на европскиот пат и дека ќе бидеме охрабрени од отворањето на преговарачкиот процес“, вели Борјана Кришта.
Таа смета дека тоа ќе придонесе БиХ да обезбеди внатрешна стабилност, што е особено важно во актуелните геополитички околности, а во однос на новиот план за раст на ЕУ за регионот, порача дека тоа е шанса што никој не смее да ја пропушти.