Се стравува дека има илјадници мртви во Либија откако бурата „Даниел“ донесе толку многу дожд во североисточниот дел на земјата што две брани се урнаа во еден регион, потопувајќи цели села.
Повеќе од 2.000 луѓе загинаа, а околу 6.000 се водат за исчезнати во градот Дерна, каде што се урнаа браните, пишува CNN.
„Три моста се урнаа. Водата однесе цели населби во морето“, изјави Ахмед Мисамари, портпарол на Либиската национална Армија (ЛНА).
Според CNN, овие бројки не можат да се проверат независно, а Ахмед Мисамари не наведе извор за бројките на загинатите и исчезнатите. Црвената полумесечина на Бенгази претходно процени дека во Дерна загинале од 150 до 250 луѓе, пренесуваат странските медиуми.
Првиот човек на либиската служба за вонредни состојби, Осама Али, за CNN изјави дека по уривањето на браната целата вода отишла во областа кај Дерна, планинско крајбрежно подрачје.
„Телефонските линии во градот исто така се во прекин, што ги отежнува спасувачките напори“, изјавил Осама Али и додал дека спасувачите не можат да влезат во Дерна поради големото уништување.
Но, како што вели тој, властите не ги предвиделе размерите на катастрофата.
„Не се добро проучени временските услови, не се проучени нивото на морето и врнежите“, нагласува тој.
„Либија не беше подготвена за ваква катастрофа, никогаш не сме биле сведоци на вакво нешто. Признаваме дека имало недостатоци иако за прв пат се соочуваме со вакво нешто“, додава Осама Али.
Ахмед Мисамари, портпарол на ЛНА, вели дека биле погодени неколку други градови како Ал-Баида, Ал-Марџ, Тобрук, Такенис, Ал-Бајада и Бата.
Првиот човек на либиската источна Влада, поддржана од парламентот, Осама Хамад, ја опиша ситуацијата како „катастрофална и без преседан“, според извештајот на државната либиска медиумска агенција (LANA).
Снимките на социјалните мрежи покажуваат потопени автомобили, урнати згради и поројна вода што јуриша низ улиците. Болниците во источниот град Бајда се евакуирани, според видеата споделени на социјалната мрежа Фејсбук.
„Обединетите нации во Либија внимателно ја следат вонредната ситуација предизвикана од тешките временски услови во источниот регион на земјата“, се вели во соопштението на Мисијата на Обединетите нации во Либија.
Неколку земји испратија сочувство и понудија помош за Либија додека спасувачките тимови се обидуваат да најдат преживеани под урнатините.
Турската агенција за катастрофи во понеделникот соопшти дека ќе мобилизира 150 луѓе за потрага и спасување и ќе испрати шатори, возила за спасување и други материјали, како што се генератори.