Кога црногорските функционери на Врховниот суд во понеделникот дошле на работа, откриле дупка на ѕидот на магацинот каде се чуваат докази. Веднаш повикале полиција, која открила дека дупката е всушност отвор на ископан тунел кој води до блискиот стан.
Според црногорските медиуми, прилично голем тунел, чие копање сигурно траело повеќе од еден месец, води од судската палата до станот во подрумот на зградата од другата страна на улицата „Његошева“ во главниот град на Црна Гора.
Тој стан, велат неговите сопственици, бил изнајмен на крајот на јули, а операцијата на копање тунел најверојатно била извршена во август, додека повеќето од вработените во државната администрација, вклучително и во Врховниот суд, биле на одмор.
Лицата кои го изнајмиле станот, пишуваат црногорските медиуми користеле лажни документи. Сопственичката на станот која им го изнајмила станот била сослушана од полицијата и рекла дека од претходно не ги познавала станарите.
Грабеж или подготовка за бегство !?
Необичен случај бил откриен во понеделникот на 11. септември, бидејќи некои предмети во депото биле расфрлани наоколу. Истрагата подоцна открила дека и покрај првичните шпекулации, ништо не е украдено.
Ова го потврди и претседателот на Високиот суд, Борис Савиќ:
„Утврдивме дека предметите во депото се преместени од нивната претходна локација, но ништо не недостасува. Утврдено е дека предметите биле претресени. Информациите дека нешто е украдено не се точни“, изјавил Борис Савиќ.
Необичниот случај ги подгреа шпекулациите за тоа кој и зошто ископал тунел до зградата на судот каде се чуваат важни досиеја и каде што само во последните две години биле складирани речиси десет тони дрога користена како доказ.
Интересно е и какви документи пронашле расфрлани во просторијата каде што е откриен отворот. Според црногорскиот портал Vijesti.me, меѓу претресените досиеја е и она поврзано со случајот против висок припадник на т.н. Кавачки клан на Слободан Кашчелан и на уште 17 други лица поврзани со оваа криминална организација поради обвинувањата дека планирале ликвидација на двајца, сега веќе починати членови на кланот што им се спротивставиле, Јован Вукотиќ и Јован Јовановиќ.
Борис Савиќ, сепак, смета дека не станува збор за обид за грабеж, туку за подготовка за обид за бегство, бидејќи во близина има и просторија каде што обвинетите се носат и се приведуваат пред да влезат во судницата.
„Се сомневаме дека целта била лесен пристап до судот и просторијата за притвор“, рекол Борис Савиќ, додавајќи дека вработените во Врховниот суд го нашле отворот на тунелот на добро скриено место.
Со оглед на тоа дека копањето на еден ваков тунел е прилично голем „градежен“ зафат, јасно е дека за тоа биле потребни средства, работна сила и внимателна организација, што можеби докажува дека тоа е дело на мафијата.
Архитектот Џенан Колиќ изјавил за RTCG дека таков тунел никој не можел да го ископа.
„За таков потфат потребна е организација, работна сила, сериозна технологија и огромни финансиски средства“, рекол Џенан Колиќ, додавајќи дека изградбата на тунел подразбира планирање и добро познавање на судската зграда и околината.
„Кога ќе почнете да копате, потребни ви се координати. Ако ги немале, можеле да излезат на плоштадот, и мислам дека тоа не им била целта, но завршиле совршена работа. Секоја машина што се користи при ископот пренесува вибрации и тие вибрации би ги почувствувале сите вработени“, додава Џенан Колиќ.
Но, вработените ништо не почувствувале ниту слушнале, што ја доведува во прашање безбедноста на судот:
„Да имаше 100 полицајци околу зградата, немаше да можат да спречат што се случува под зградата. Сè уште не вршиме подземна контрола“, рекол Борис Савиќ.
Истрагата сигурно ќе беше полесна доколку се најдеше алатот со кој се ископал тунелот, но непознатите ’рудари’ по завршувањето на работата ја земале со себе целата опрема. Но, во тунелот се пронајдени неколку предмети од кои, се надеваат истражителите, ќе може да се извади ДНК-материјал на сторителот.
„Активностите кои полицијата ги презема за расветлување на упадот во депото на Врховниот суд добро напредуваат во однос на пронаоѓање, утврдување и одземање материјални докази кои, искрено се надевам, ќе дадат резлутат за многу краток временски период, не само на изведувачот, туку и на клиентот на работите. Овој случај покажува дека луѓето од другата страна на законот не стојат во место. Но, нека бидат сигурни дека и ние не мируваме и наскоро ќе ги изведеме пред лицето на правдата“, изјавил началникот на полициската управа Никола Терзиќ.
Инаку, Никола Терзиќ, неговиот помошник Милош Ракоњац, началникот на Одделението за безбедност во Подгорица, Горан Јокиќ, началникот на подгорската криминалистичка полиција, Зоран Башановиќ и министерот за внатрешни работи Филип Аџиќ, во понеделникот цел ден биле на лице место. Министерот Филип Аџиќ вели дека ова е еден вид напад на црногорската држава.
„Ова е добро испланирана и организирана акција која се подготвувала со месеци и која наликува на акциони филмови“, рекол тој.
Филип Аџиќ додал дека црногорската полиција ќе направи се за да ги открие сторителите и дека во моментов се врши попис на материјалите од депото, но ќе биде потребно време со оглед на тоа што се чуваат огромен број датотеки во тоа депо.