Македонските туристи на Халкидики, Тасос и другите популарни летувалишта во Грција утрово беа разбудени со грозоморни сцени.
Станува збор за последиците од пожарот кој со денови беснее во близина на Александрополис, главниот град на областа Еврос, на североистокот на Грција, а кој утринава стана видлив низ целата земја во вид на крваво сонце, џиновски облак со чад и дожд од пепел што паѓа врз луѓето и автомобилите.
Фотографијата од густиот чад кој прв ги покри овие делови од Грција е направена од европскиот сателит METEOSAT-11, чии фотографии ги објави и Националната опсерваторија на Грција. Чад покри неколку региони во Грција, и над островите и на копното.
Да потсетиме, пожарот во овој регион беснее со денови, а од вчера избувна нов во групата острови Китнос, во Егејско Море.
За жал, пожарот коси се пред себе и на Евија, каде е пријавена и една човечка жртва.
Во шок утрово беа и македонските туристи кои од раните утрински часови споделуваа фотографии од „крвавото небо и сонце“ на социјалните мрежи.
Фотографии на социјалната мрежа Фејсбук се појавија од Кефалонија, Никитија, Ханиоти, Криопигии, Амуљани, Полихрон, Ситонија, Тасос, а списокот на градови и населени места се зголемува.
Жена со име Милица, која е една од администраторите на групата „Во живо од Грција“ на Фејсбук, објави две видеа од Кефалонија на кои се гледа како чадот „го јаде сонцето и небото“.
Под нејзината објава одговорија уште неколку од повеќе места од Грција, и со фотографии и со описи.
Најдраматична беше фотографија од Ханиоти, која изгледа како некој да го покрил небото со песок утринава за време на изгреј сонцето.
Според грчките медиуми, чадот се издигнал на 110,00 километри од грчката територија.
Поточно, чад може да се види како се движи низ северниот и централниот дел на Егејот од шумските пожари во Еврос и Родопи, како и од пожарите над Беотија. Чадот од пожарот во областа Еврос достигна околу 950 километри југозападно, покривајќи површина од околу 110.000 квадратни метри.