Командантот на подморницата од која силите на Владимир Путин лансираа крстосувачки ракети на територијата на Украина, уништуваа градови и убиваа невини цивили, ненадејно е ликвидиран на руска државна територија, во градот Краснодар.
Неговата егзекуција за време на утринскиот џогинг најверојатно била одмазда од страна на „партизани“, односно украински саботери.
Веста за смртта на 42-годишниот капетан од втор ранг Станислав Ржитски ја потврдија бројни руски медиуми: од државната агенција ТАСС, која се повикуваше на полициски извори, до многуте руски канали на социјалната мрежа Телеграм.
Капитенот Станислав Ржитски, соопштија, во близина на спортскиот комплекс „Олимп арена“ во Краснодар го сретнало непознато лице, кое го застрелало четири пати во градите и грбот, по што лицето побегнало од местото на настанот. Станислав Ржитски починал на местото на пукањето, а против засега непознатиот сторител е отворена кривична постапка.
Покрај тоа што беше командант на злогласната подморница во Украина за време на војната, Станислав Ржитски неодамна беше руски воен службеник задолжен за регрутирање: заменик-претседател на одделот за мобилизациска работа во Краснодар и околниот регион. Сепак, Украинците уште од минатата година во нивните бази на податоци за војна го обвинуваат за „директно учество во воената инвазија на Украина“ и го обвинија за многубројни злосторства врз цивили.
Убиството од заседа на офицер за мобилизација и командант на криминална подморница во Краснодар, руски град доволно далеку од првите линии на фронтот, е пропаганден и психолошки удар за Армијата на Владимир Путин во време на длабока внатрешна нестабилност. Пораката што ја испрати егзекуцијата на капетанот Станислав Ржитски од Украина до сите руски извршители на криминални наредби е повеќе од јасна и звучи сосема познато: „Нашата рака ќе ве стигне и во Русија!“.