Претседателот на Русија, Владимир Путин и премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, денес разговараа за билатералната соработка, на маргините на Самитот „Појас и пат“ што се одржува во Пекинг.
„Двајцата лидери разговараа за соработка во областа на испораката на нафта и гас, како и во областа на нуклеарната енергија“, изјави за унгарската медиумска агенција MTI потпаролот на Виктор Орбан, Берталан Хаваши.
Според него, Виктор Орбан ја истакнал важноста од зачувување на мирот и дека запирањето на протокот на бегалци, санкциите и борбите е од клучно значење за целиот континент, вклучително и Унгарија.
„И покрај тоа што во денешните геополитички услови можностите за одржување контакти и развој на односите се многу ограничени, тоа не може да не предизвика задоволство што нашите односи со многу европски земји се одржуваат и се развиваат. Една од тие земји е Унгарија“, посочил Владимир Путин, пренесуваат руските државни медиуми.
Виктор Орбан истакнал дека официјална Будимпешта никогаш не сакала да влезе во конфронтација со официјална Москва.
„Имаше тешки средби, но никогаш толку тешки како оваа бидејќи никогаш досега не сме биле во ваква тешка ситуација. Унгарија никогаш не сакаше да се судри со Русија, напротив, целта на Унгарија секогаш беше да ги воспостави и прошири најдобрите меѓусебни контакти и во тоа бевме успешни“, рекол Виктор Орбан и додаде дека неговата земја се обидува да зачува се што е можно во билатералните контакти и дека е заинтересирана за продолжување на економската соработка колку што е тоа можно.
Владимир Путин ставил акцент на намалувањето на трговскиот промет од 35 проценти во првите седум месеци од оваа година и предложил да се размислува како тој тренд може да се промени, а Виктор Орбан им се заблагодарил на руските компании „Росатом“ и „Гаспром“ за нивното партнерство и исполнување на договорените обврски.