Живата во термометарот деновиве во соседна Грција би можела да се искачи до вртоглави 45 степени, што би можело да ја направи оваа недела една од најтоплите во последните пет децении на мерење на летните температури во таа земја.
Грција, всушност, е само една од земјите која во последните денови се бори со екстремните временски услови кои настанаа поради т.н. „термални куполи“. Останатите медитерански земји како Италија, Шпанија и Турција неделава се борат со невидени горештини, додека во САД и Кина се измерени дури 50 степени.
Метеоролошките експерти предупредуваат дека ова би можело да биде најтешкиот топлотен удар од 1987 година, кога околу сто лица загинаа како последица на екстремните горештини.
Властите апелираат до граѓаните да бидат дополнително внимателни, да избегнуваат сонце и да ја зголемат хидратацијата, но она што особено загрижува е фактот што пожарникарите во Грција истовремено гасат неколку пожари кои не можат да се контролираат поради постојаната промена на правецот на ветерот.
Најпогоденото подрачје од пожарите во моментов е регионот на западна Атика, кој се наоѓа недалеку од Атина, а елементите се шират и на југ од Пелопонез, Лаконија и островот Родос.
На последната прес-конференција, портпаролот на грчката противпожарна служба, Јанис Артопојос, кажа дека неговите единици моментално се борат со дури 62 пожари низ целата земја. Според него, екстремната топлина создала „динамична средина“ која е исклучително поволна за брзо ширење на елементот.
„Крајот на тешките времиња сè уште не се гледа“, предупреди грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, додавајќи дека се уште се соочуваат со топлотен удар што максимално ќе ги оптоварува противпожарните капацитети.
Пожарите во Грција се уште не однесоа човечки животи, но почна да се шири паника меѓу граѓаните и бројните туристи.
Бројни земји и пружија рака на Грција за помош; Италија, Франција и Израел ги обезбедија своите противпожарни возила, додека Полска, Словачка, Романија и Бугарија мобилизираа повеќе од 200 пожарникари.