Министерот за одбрана на Хрватска, Марио Баножиќ, утрово учествувал во тешка сообраќајна несреќа кај Винковци во која животот го загуби едно лице, а поради сериозноста на повредите министерот ќе биде префрлен во КБЦ Осиек, потврдиле од болницата во Винковци каде по несреќата Марио Баножиќ е хоспитализиран, јавуваат хравтските медиуми.
Од болницата не прецизирале со какви повреди се здобил министерот Марио Баножиќ, само дека се посериозни и дека во текот на денот ќе биде пренесен од Винковци во клиничкиот центар во Осиек на понатамошно лекување.
Сообраќајната несреќа се случила на излезот од Винковци, а заедно со министерот за одбрана на Хрватска кој бил во приватен автомобил, во несреќата учествувал и возач на комбе, кој починал.
Според неофицијални информации кои ги објави весникот Jutarnji list, министерот за одбрана на Хрватска поради сериозноста на повредите веќе бил префрлен во Осиек, а како што објави весникот тој имал контузии во пределот на главата, повреди на градниот кош и скршеница на ногата.
„Најсериозни се неговите повреди на главата. На моменти е контактибилен, а на моменти не. Тој беше сам во автомобилот. Според првичните и неофицијални податоци кај Марио Баножиќ не бил пронајден алкохол, а тој наводно бил на пат да лови“, изјавил добро информиран извор за споменатиот хрватски весник.