Традиционалната манифестација „Ден на полето“ се одржа денеска во кумановското село Новосељане. Манифестацијата ја организираат комбинатот „Клечовце“ и земјоделската задруга „Агростарт“.
„Убаво е чувството да се гледаат овие житни полиња кои се пример за употреба на најсовремени технологии за производство, со примена на добри практики, модерна механизација и примена на дигитализација во земјоделското производство. Сето ова, со примена на сертифициран семенски материјал и квалитетни средства за прихрана и заштита на производството, е пример како може континуирано да се зголемува производството и да се добива зголемен принос. Тоа е она што континуирано го зборуваме на нашите теренски средби со земјоделците, да користат сертифициран семенски материјал, од квалитетни сорти и на тој начин на иста површина да добијат многу поголем принос по хектар. На пример, во 2017 година, приносот на пченица по хектар, изнесувал 2500 кг., а во 2022 сме оствариле просечен принос од 3400 кг. по хектар, што значи дека одиме напред“, изјави министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство, Љупчо Николовски.
Тој истакна дека не е доволно само да се земе земја под закуп, да се добијат субвенции од државата, туку треба да се применуваат добри агротехнички практитки, да се употребуваат сорти отпорни на климатските промени и отпорни на болести.
„Комбинатот ‘Клечовце‘ е одличен пример за тоа, а што е уште поважно, тие несебично го споделуваат своето знаење со земјоделците, токму преку ваквата манифестација на која директно од терен на земјоделците им се презентираат сите достигнувања, за самите лично да се уверат дека доколку се постапува правилно, успехот е загарантиран“, кажа Николовски.
Министерот потсети дека минатата година беше кризна година во која се појави недостиг од жито, поради војната во Украина.
„Ние како министерство, реагиравме многу брзо. Подготвивме Национален план за производство на храна и бевме единствена држава во регонот која донесе Интервентна програма вредна 900 милиони денари, преку која во услови на криза обезбедивме поддршка за секој еден земјоделец“, изјави Николовски.
Преку интервентната програма за производителите на житни култури, како што дополни, обезбедени се до 40 проценти поддршка при набавка на вештачко ѓубриво, односно поддршка од 4.000 денари по хектар за производителите на пченица и пченка и 2.500 денари по хектар за производителите на јачмен и сончоглед.
„Откупната цена на пченицата од година во година бележи раст, а минатата 2022 имавме досега највисока цена од 17,00 денари по килограм, со ожнеана површина од 74.000 хектари пченица, со остварено производство од 251.600 тони и остварен просечен принос од 3.400 кгр/ха“, вели министерот.
Тој очекува успешна производна година , поголемо производство, бидејќи има зголемени површини. Во производната 2022/2023 година пченицата е засеана на вкупна површина од 78.300 хекатри, од што претставува зголемување на површините за околу 4.300 во однос на 2022 година и се очекува зголемување на производството на пченица во 2023 година за околу шест проеценти.
Годинава како што посочи министерот, навремено се исплатени субвенциите за полјоделските култури, исплатени се 422,4 милиони денари за над 24.000 корисници, а со новиот модел на субвенцирање житните култури се издвоени како култури со стратешко значење за кои секогаш ќе биде обезбедена финансиска поддршка од државата.
Со мерката за директни плаќања за задолжителна употреба на сертифициран семенски материјал кај поледелските култури во 2022 година биле опфатени вкупно 13.175 земјоделски стопанства за вкупна површина од 51.450 хектари.
„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го поддржуваше и понатаму ќе продолжи да го поддржува производството на квалитетен сертифициран семенски материјал што претставува основен предуслов за подобрување на квалитетот и квантитетот на поледелските култури, а со тоа директно влијаеме на намалување на зависноста на домашниот пазар од увоз на жита“, вели министерот Николовски.
Во присуство на бројни претставници на институции од земјоделскиот сектор, гости од земјава и од странство и многу земјоделци, кооперанти, членови на задругата „Агростарт“, денеска на полињата со жито во Новосељане се славеше полето како главен извор на храна.