ФОТО | На фотографијата се гледа само точка, а голем е колку “Емпајер Стејт Билдинг“: Потенцијално опасен астероид се приближува до Земјата – постои ли причина за страв ?

Голем астероид по име „2008 OS7“ за влакно ќе ја промаши Земјата во блиска средба денес. Иако се смета за потенцијално опасен, астрономите истакнуваат дека нема причина за загриженост, бидејќи покрај нашата планета ќе помине на безбедно растојание од околу 2,8 милиони километри.

Европската вселенска агенција (ESSA) и НАСА известуваат дека според постоечките проценки, астероидот е со дијаметар помеѓу 210 и 480 метри. Тоа значи дека е со иста големина како и познатата зграда – „Емпајер Стејт Билдинг“ во Њујорк.

Ова небесно тело, кое прави целосен круг околу Сонцето на секои 2,6 години, е дел од т.н. „Аполо група на астероиди“. Таа група на небесни тела се среќава со орбитата на нашата планета, но и со планетите Венера и Меркур.

Иако астероидот „2008 OS7“ е означен како „потенцијално опасен“, тоа е ознака дадена на секој вселенски објект што се приближува до Земјата на помалку од 19,5 лунарни единици (растојанието помеѓу Земјата и Месечината) и кој има дијаметар поголем од 100 до 150 метри.

Европската вселенска агенција пишува дека многу астрономи веруваат дека е само прашање на време кога астероид навистина ќе удри во Земјата.

Според експертите вистинското прашање е дали ќе бидеме подготвени да преземеме „акција“ кога ќе биде потребно.

Со сигурност од 95 проценти, можеме да предвидиме дека во следните неколку векови, катастрофа слична на онаа што ги збриша диносаурусите е малку веројатна“, велат експертите, пренесува Euronews.

Сепак, тоа не ја исклучува можноста за судир со помало небесно тело. Астероид со пречник од само стотина метри може да предизвика голема штета доколку удри во Земјата, а откривањето на такви тела е неверојатно тешко. На пример, неодамна мал астероид беше забележан само неколку часа пред да експлодира над Берлин.

Според Европската вселенска агенција, дури 99 отсто од астероидите блиску до Земјата со дијаметар помал од 30 метри се уште не се откриени. Колку е помала карпата, толку мора да биде поблиску до атмосферата за научниците да ја откријат.

Во некои случаи, тие се заматени од светлината на Сонцето, што беше случај со метеорот што експлодира над Чељабинск, Русија во 2013 година. Како резултат на тој удар, беа скршени многу прозорци, а повеќе од 1.600 луѓе беа повредени.

Вселенските агенции ширум светот работат на нови технологии за откривање на астероиди пред тие да стапат во контакт со Земјата, а една од најнапредните е дел од сателитот на НАСА – „Surveyor“, кој треба да биде лансиран во 2027 година.

Од следната година опсерваторијата „Vera C. Rubin“ од Чиле треба да започне со ново каталогизирање на Сончевиот систем, што треба да помогне во ловот на астероиди.

астероидВселенаЗемјаНАСА