ФОТО | ‘НИЕ СМЕ ОБЕДИНЕТИ!’ – Самитот на Г-7 во Хирошима започна со положување венци: Во Јапонија пристигнува и Володимир Зеленски, ќе се објават нови санкции против Русија!

Лидерите на групата Г-7 положија венци во петокот во јапонскиот град Хирошима, речиси 78 години по нападот со првата нуклеарна бомба, на почетокот на самитот на кој се очекува да бидат воведени нови санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина.

Наследството на Хирошима како прва локација која некогаш била нападната со нуклеарно оружје, додава дополнителна важност како предупредување по руската инвазија на Украина и говорот на претседателот Владимир Путин за неговата подготвеност да користи нуклеарно оружје.

Риши Сунак, Урсула фон дер Лајен, Џастин Трудо, Џо Бајден и Фумио Кишида

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски в недела ќе отпатува за Јапонија за да им се придружи на лидерите на напредните светски демократии на нивниот самит во Хирошима, соопштуваат извори од Европската унија за странските медиумски агенции.

Претходно беше најавено дека лидерите на Г-7 ќе објават нови санкции против Русија.

Лидерите на групата Г-7

И покрај санкциите и притисокот во 2021 година Русија извезла дијаманти во вредност од околу 4 до 5 милијарди долари.

Лидерите на држави и Влади на Г-7 треба да разговараат и за голем број други санкции против Русија, вклучително и американските мерки за ставање на 70 руски и странски субјекти на црната листа на САД.

Велика Британија, исто така, ќе таргетира дополнителни 86 лица и компании од воено-индустрискиот комплекс на Владимир Путин, покрај оние кои се вклучени во енергетската, металната и бродската индустрија.

Лидерите на групата Г-7

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел изјави дека Европа ќе воведе санкции и за руските дијаманти.

Официјални лица сè уште ги разгледуваат деталите од конечната изјава за Русија, како и прецизната формулација во врска со Кина, велат извори од инволвираните земји за странските медиуми.

Русија веќе неколку пати претходно соопшти дека е подготвена да го искористи својот нуклеарен арсенал за да го одбрани својот „територијален интегритет“ доколку е потребно.

Премиерот на Јапонија, Фумио Кишида изјави дека го избрал градот Хирошима за самитот на Г-7 за да го фокусира вниманието на контролата на вооружувањето со нуклеарно оружје.

војнаГ-7ЈапонијаРусијасанкцииУкраинаХирошима