Претседателот на Русија, Владимир Путин, од самитот со претставниците на африканските земји кажа дека е отворен за преговори како модел за решавање на конфликтот во Украина, но дека официјален Киев отфрла разговори.
Тој истакнал дека – „нацртот договор беше ефективно преговаран претходно“, пренесува руската медиумска агенција ТАСС. „По повлекувањето на нашите сили од предградијата на Киев – што од нас беше побарано да го направиме за да создадеме услови за потпишување на конечниот договор – властите во Киев ги отфрлија сите претходни договори“, изјавил Владимир Путин и додал: „Топката сега е кај нив. Нема да ги изнесувам деталите од преговорите сега, тоа не би било соодветно“, заклучил рускиот претседател. Тој исто така вели дека Москва го почитува нивниот (африкански) мировен план за војната во Украина и дека внимателно го проучува.
Додавајќи дека нивниот пристап и идеи ги одразуваат точките на планот на Кина за решавање на украинската криза. Така ги дефинираше главните сојузници и потврди дека нивните идеи се блиски до него, додека Украина ги отфрли двата планови.
Во текот на двата дена на самитот, Русија и претставниците на 49 африкански земји потпишаа пет документи и уште два со потесни регионални групи во Африка. „Со цел да ја зајакнеме одбранбената способност на земјите од континентот, развиваме партнерство во воената и воено-техничката сфера“, вели Владимир Путин, додавајќи дека „Русија потпиша договори за воено-техничка соработка со повеќе од 40 африкански земји, на кои им доставуваме широк спектар на оружје и опрема“. Владимир Путин вели дека африканските земји добиле оружје и технологии, некои бесплатно со цел зајакнување на безбедноста и суверенитетот на земјите.
На првиот ден од самитот, Владимир Путин им кажа на африканските лидери дека ќе им даде десетици илјади тони жито во рок од неколку месеци и покрај западните санкции кои, според него, го отежнуваат извозот на жито и вештачки ѓубрива за Москва. „Во следните три до четири месеци ќе бидеме подготвени да испорачаме по 25.000 до 50.000 тони бесплатно жито во Буркина Фасо, Зимбабве, Централноафриканската Република и Еритреја“, најави Владимир Путин, чии зборови беа придружени со аплауз. „Ќе обезбедиме и бесплатна испорака на овие производи до потрошувачите“, тврди тој.
Рускиот претседател добро го одигра првиот дел од кризата со жито што тој самиот ја создаде. Во понеделникот, на 17. јули, Кремљ објави дека Русија се повлекува од договорот за извоз на украинско жито што беше во сила од јули минатата година. Цените на житото на светските пазари се зголемија, не претерано, но доволно за да ги загрижи најсиромашните земји во светот.
Владимир Путин, сега им понуди дел од оружјето бесплатно на африканските земји. Тоа е голема цена, но ќе се плати со зајакнување на руското влијание на континентот. „Ние не го намалуваме (нашето присуство), згора на тоа, ние сме подготвени да ги зајакнеме нашите различни контингенти“, изјави Евгениј Пригожин, водач на платеничката група Вагнер, за камерунската Afrique Media. Евгениј Пригожин се појави на самитот, а го поздрави и државниот удар во Нигер, со кој во средата беше соборен демократски избраниот претседател Мухамед Базум. Нигер е седмиот светски производител на ураниум, од кој Франција задоволува нешто помалку од половина од своите потреби. Може да се заклучи дека Вагнер ќе продолжи со своите катастрофални активности во Африка каде што, со помош на воени режими, ја презема контролата врз профитабилните бизниси, на пример рудниците за злато во Судан, каде исто така неодамна избувна конфликт.
Владимир Путин на тој начин го зачува сојузот со Африка зајакнувајќи го своето влијание на критичната точка на континентот, Сахел, каде што ги контролира државите од Атлантскиот Океан до Црвеното Море.
„Потврдена е посветеноста на сите наши земји за формирање на праведен и демократски мултиполарен светски поредок“, изјави Владимир Путин во својот последен говор, споменувајќи ја „заедничката одлучност во борбата против неоколонијализмот“ и „незаконските“ санкции. Во последната заедничка изјава се повика на воспоставување на поправеден, поурамнотежен и одржлив мултиполарен светски поредок, со решително противење на каква било форма на меѓународен конфликт на африканскиот континент.
Рускиот претседател најави одржување на руско-африкански самит на секои три години, притоа воспоставувајќи „механизам за партнерство и дијалог за безбедносните прашања“, вклучително и борбата против тероризмот, безбедноста на храната и климатските промени. „Разговараме и за тоа како систематски да се префрлиме на националните валути, вклучително и рубљата, во финансиското регулирање на трговските операции меѓу Русија и Африка“, додаде Владимир Путин.
Како заклучок, самитот е голем успех на рускиот претседател кој ја задржа поддршката на голем дел од глобалниот југ.