Планинари на грб носеа плекси-стакла и ги обновија уништените прозорци во планинарската кула на Титов врв на 2747 метри надморска височина. Оваа обнова следува откако кулата во периодот помеѓу 8 и 18 декември 2022 година беше вандализирана, при што беа оштетени сите прозорци кои беа кршени со употреба на чекани, а сторителите имаа направено и друга штета во внатрешноста на објектот.
Во акцијата овој викенд учествувале вкупно 11 планинари, осум планинари од ПК Аргентус Монт, по еден планинар од ПК Х20-Скопје, ПК Тетово и ПК Копанки-Битола.
– Дванаесет пластични стакла се обезбедени со донација на Назиф Изаири од Боговиње. Со теренско возило на планинарот Али Ислами од ПК Тетово, стаклата се однесоа од градот до кота 2445 метри надморска височина. Потоа од таму до врвот ги носевме на грб. Трошоци за други материјали, алати, штрафови, надомест за гориво се од Федерацијата за планинарски спортови, информираше Зија Јонузовски, секретар во ПК Аргент Монт.
Планинарите по носењето на материјалите, самите ги поставле стаклата на прозорците. Извршена е санација и на дел од рамовите од прозорците, како и други поправки низ кулата.
– Поставивме 11 стакла на прозорците, еден остана резерва. Сега се санирани последиците од вандализмот. Искршените делови од патосот на вториот кат се заменети со нова шпер табла и се поставени и нови алуминиумски фолии. Успешно е поправена и една метална клупа и ставена во употреба додека една метална клупа и металната маса се целосно оштетени и не можат да се поправат. Со претходни акции сите отпадоци од вандализмот се очистени. Преостанува со следни акции да се очистат опожарените и зачадени ѕидови со специјални средства, потенцира Зија Јонузовски.
Планинарите апелираат во иднина да не се оштетува Кулата, да не се пишуваат графити затоа што веќе е препознатлив објект кај планинарите од цела Европа и се повеќе е користена за засолнување и престој.
Планинарската кула на Титов врв од 2021 година по реновирањето е внесена во Европската електронска мапа на планинарски заслони и лесно се пронаоѓа преку современите мобилни апликации.
Планинарите од Аргентус Монт од 2016 година постојано работат на обновување на планинарската кула