Семејството на Реџеп Таип Ердоган е едно од најмоќните во Турција, а бидејќи главата на нивното семејство е и претседател на државата, тие често се под будното око на јавноста.
Реџеп Таип Ердоган во март годинава убедливо извојува уште една победа на претседателските и парламентарните избори, со што ја зацврсти лидерската позиција. Неговата сопруга Емина му даде голема поддршка како и секогаш во минатото.
Инаку, Емина важи за семејна жена, со силни ставови. Емина редовно го придружува сопругот на државните патувања, а досега се сретнала и разговарала со првите дами на некои од најмоќните земји во светот. Исто така, таа беше со Реџеп Таип Ердоган во неговите најтешки моменти, но и во неговите најубави. И покрај нејзината голема љубов, нејзината свекрва односно мајката на „Султанот“ се спротиставувала на бракот, барајќи од нејзиниот син да се ожени со девојка со целосно покриено лице, но Емина никогаш не се согласила на тоа и уште тогаш им покажала на сите дека цврсто ги брани своите ставови.
За Емина веќе се знае многу, а многумина ги интересира што прават и како изгледаат неговите деца. Тие имаат четири деца – два сина Ахмед Бурак и Билал и две ќерки Есра и Сумеја.
Есра Ердоган Албајрак
Есра е постарата ќерка на Реџеп Таип Ердоган (родена е во 1983 година) и е сопруга на поранешниот министер за финансии на Турција, Берат Албајрак, со кого се омажи во 2004 година. Гости на нивната венчавка беа романскиот и грчкиот премиер, кралот на Јордан, пакистанскиот претседател, како и министерката за надворешни работи на Турција и претседателот на Националното собрание на Турција.
Средното образование го завршила во училиштето „Имам Хатип“, а дипломирала социологија и историја на Универзитетот во Индијана во 2003 година. Магистрирала на Универзитетот во Калифорнија и каде подоцна го одбранила својот докторат. Еден од нејзините пријатели, со кој студирала, ја опишал како личност со силен карактер, строги верувања за животот, религијата, политиката, но и семејството.
Сумеја Ердоган Бајрактар
Таа е најмалото дете на Реџеп Таип Ердоган (родена е во 1985 година). Со Селчук Бајрактар се свршила во март 2016 година, а потоа се омажила за него во мај истата година. Двојката има една ќерка.
Откако не успеала да ја добие посакуваната оценка за приемниот испит во 2002 година, своето образование го продолжила во САД. Со стипендија од бизнисмен, дипломирала социологија и политика на Универзитетот Индијана. По дипломирањето во 2005 година, таа ги завршила магистерските студии по економија на школа за економија во Лондон.
Подоцна, таа започнала да работи како консултант во Партијата на правдата и развојот (партијата на нејзиниот татко Реџеп Таип Ердоган), каде што била задолжена за следење на надворешните односи и нивните рефлексии во светскиот печат. Четири години била советничка на нејзиниот татко, а таа улога престанала да ја извршува во 2014 година. За време на протестите во паркот „Гези“ во 2013 година, таа беше вклучена во состаноци меѓу Владата и разни уметници. Во 2015 година имаше гласини дека Сумеја наводно ќе се кандидира за место во парламентот, но тоа не се случи.