Германскиот канцелар Олаф Шолц објави во понеделникот на социјалната мрежа Х (Твитер) фотографија со фластер за очи, коментирајќи ги написите за неговата повреда по падот додека џогирал за време на викендот.
„Едвај чекам да видам какви ќе бидат коментарите“, порача германскиот канцелар Олаф Шолц преку објава на Х (Твитер) и се заблагодари за желбите за брзо закрепнување.
Владиниот портпарол Штефен Хебестрајт на редовниот брифинг со новинарите во понеделникот изјави дека канцеларот ја објавил фотографијата со врзани очи за да може сите да се подготват за тоа како ќе изгледа канцеларот во следната недела или две.
65-годишниот германски канцелар паднал минатиот викенд додека џогирал во близина на својот дом во Потсдам во близина на Берлин.
Олаф Шолц во едно интервју изјавил дека како студент „го мразел спортот“, но сега се обидува да се занимава со некој спорт барем два до три пати неделно, главно трчање или веслање.
Во коментарите во медиумите се забележува дека Олаф Шолц, кој вообичаено е познат како сув говорник, се обидува несреќата што му се случи да ја претвори во шега.