Белата куќа во петокот објави дека Северна Кореја неодамна испратила 1.000 контејнери со воена опрема и муниција во Русија, велејќи дека тоа е вознемирувачко и изрази загриженост поради зајакнувањето на воените врски меѓу двете земји.
Белата куќа објави серија сателитски снимки за кои американските власти велат дека покажуваат дека пратка од севернокорејско складиште за муниција била натоварена на брод под руско знаме, а потоа транспортирана со железница до магацин во близина на југозападната граница на Русија. Испораката се одвивала помеѓу 7. септември и 1. октомври, а сателитските снимки можете да ги погледнете ОВДЕ.
„Ја осудуваме КНДР што ѝ ја испрати на Русија оваа воена опрема, која ќе се користи за напади на украински градови, за убивање на украински цивили и за продолжување на нелегалната војна на Русија“, изјави во петокот портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и рускиот претседател Владимир Путин се состанаа минатиот месец на редок самит за да разговараат за воените прашања, војната во Украина и можната руска помош за тајната сателитска програма на Северна Кореја.
За возврат за нејзината поддршка, Северна Кореја бара воена помош од Русија, вклучувајќи борбени авиони, проектили, оклопни возила и друга напредна технологија.
САД внимателно следат дали официјална Москва ќе го испорача ова оружје.
„Нема да дозволиме КНДР тајно да и помага на руската воена машина. А светот треба да знае за помошта што Русија може да и ја даде на КНДР за возврат“, нагласи потпаролот на Белата куќа.