Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска имал средба со министрите за надворешни работи на Република Австрија, Александер Шаленберг, на Чешката Република, Јан Липавски и на Словачката Република, Мирослав Влаховски.
Како што соопштија од собраниската прес-служба, тие го сочинуваат Аустерлиц/Славков форумот, со стратешки интерес за меѓусебна соработка, кој вклучува грижа за соседните и помалку развиените земји.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери ги истакнал пријателските билатерални односи со сите три земји и се заблагодарил за континуираната поддршка за интеграција на Република Северна Македонија и целиот Западен Балкан во Европската Унија.
„Тој ја потврди уште еднаш посветеноста на земјата да истрае на патот на европската интеграција за што е потребно да се совладаат тековните препреки, а тоа се уставните промени за кои е потребно двотретинско мнозинство во Собранието на Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението.
Министрите за надворешни работи на Австрија, Чешката Република и Словачката Република, истакнале дека како претставници на ЕУ, дојдени се во пријателска посета на земјата за побрза имплементација на уставните измени договорени минатата година, кои претставуваат важна пресвртница за натамошно приближување на земјата кон Европската унија.
„Тие потенцираа дека нема да има промени на договорената преговарачка рамка со Европската унија, зад која стојат сите 27 земји членки и дека оваа можност не треба да се пропушти, имајќи ја предвид актуелната геополитичка состојба во Европа“, стои во соопштението од собраниската прес-служба.
На средбата, соговорниците се согласиле дека политиките на Република Северна Македонија се целосно усогласени со Европската надворешна и безбедноста политика и дека давањето на целосна политичка и материјална поддршка на Украина е високо почитуван гест од Европската унија.