Премиерот на Полска, Матеуш Моравјецки, изјави дека е за повторно воведување на смртната казна по случајот со страшното малтертирање момчето Камилек, чија смрт ја шокираше Полска.
„Не успеа човечкиот фактор, пропаднаа институциите“, изјави Матеуш Моравјецки на прес-конференцијата за полските медиуми.
8-годишниот Камилек од Цетохова, кој бил малтретиран од неговиот очув, почина во понеделник наутро во детската болница во Катовице.
„Сакам да ја наречам оваа трагедија и оние кои ја предизвикале со вистинското име. Само чудовиште може да направи такво зло на невино дете кое не може да се одбрани. Местото за такви криминалци, садисти, изроди не е само затвор. Јас изразив мое мислење повеќе од еднаш за тоа – за злосторства со екстремна суровост, со таква предумисла, врз невини жртви. Јас сум за повторно воведување на смртната казна, но таа е укината низ цела Европа“, изјавил полскиот премиер во средара, пренесува Polsat.news.
„Во овие околности дефинитивно треба да ги зајакнеме одредбите од Кривичниот законик кои зборуваат за злоупотреба на деца, невини, а особено за злоупотреба со крајна суровост“, рекол Матеуш Моравјецки и додал дека ќе му нареди на министерот за правда Збигњев Зиобра итно да се справи со ова прашање.
„Дури и долниот дел од опсегот на казна што треба да го поднесе овој бандит, изрод, е пренизок. Половина година, можеби, неколку месеци или години ? За крајно сурово злоставување ? Каков свет е ова ? Мора да има многу поголема казна за таквите чудовишта“, нагласил полскиот премиер.
Тој повторил дека во случајот со 8-годишникот од Честохова не успеале и човечкиот фактор и институциите.
„Нема зборови со кои може да се опише степенот на трагедијата на осумгодишниот Камилек од Честохова. Во Полска нема соодветна казна за ова монструозно злосторство. Препорачувам да се промени обвинението од обид за убиство во убиство со посебна суровост“, нагласил министерот за правда на Полска на прес-конференцијата.
Случајот со малтретираното дете излезе на виделина на 3. април кога надлежните служби открија дека тоа било изложено на насилство. Полицијара нашла страшна сцена – момчето имало сериозни и големи повреди, а состојбата му била толку сериозна што со хеликоптер е пренесен во болница.
Како што утврдила истрагата, Дејвид Б. (27 г.), партнерот на мајката на детето, го малтретирал момчето, меѓу другото, со тоа што го турнал во зовриена вода и го терал да седне на врел шпорет. Ова предизвикало изгореници на главата, градите и екстремитетите на детето.
На телото на момчето биле видливи и траги од претходно малтретирање. Осомничениот очув го претепал момчето, го клоцал и му гасел цигари по телото. 8-годишното дете имало и повеќе скршеници на екстремитетите и изгореници.
За злоставување на момчето, покрај очувот, обвинета е и мајката, Магдалена Б. Се сомнева дека го изложила детето на непосредна опасност по животот и здравјето и дека му помагала на партнерот да го малтретира детето.
Очувот ги признал наводните злосторства, а мајката ја признала вината. И двајцата добиле три месеци притвор.