Струмица од синоќа е новогодишно украсена со елка висока 20 метри поставена на метална конструкција со вештачко зеленило и лед светилки на Градскиот плоштад и светлосно небо, а новогодишен лик добија влезот во градот од Радовиш и други локации во централното градско подрачје.
На булеварите се поставени декоративни светлосни елементи, а палмите се обложени со светилки. Украсени се влезот на Струмица од кај Радовиш, булеварот „Ленинова“ до хотел „Централ“, потоа булеварот „Маршал Тито“, Старата чаршија, потегот од хотелот „Централ“ до општинската зграда која исто така е осветлена и Малиот градски парк до неа, потегот од општинската зграда до Големиот градски парк, како плоштадот и влезовите во подземната гаража.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, синоќа објави дека најголемата елка во државата е поставена во Струмица.
– Во Струмица не сакам да има простор за омраза, црнила и лаги. Сакам деновите кои ни претстојат да ја уживаме позитивата, љубовта, радоста на празниците! Новогодишните бои ја разубавија Струмица. Започна претпразничната магија! И оваа година Струмица блесна во полн сјај со новогодишното украсување на повеќе локации во градот. Најголемата елка во државата е поставена на градскиот плоштад, а новогодишниот амбиент е надополнет и со други светлосни фигури. Нека ни биде најубаво и весело!, напиша струмичкиот градоначалник.
Новогодишното украсување чини 3.996.660 денари со ДДВ, а го изврши компанијата „Линк медиа плус“ од Скопје, која се јави на распишаниот тендер на ЈП „Паркиралишта“.